Победа се изнашета низ Македонија за да биде домаќин, струмичкото дерби за Темелков

Прилепска Победа после Кичево, Охрид и Кавадарци во овој пролетен дел од сезоната најде и четврти град каде да биде домаќин, па својот утрешен меч со Шкупи ќе го одигра во Кочани (16 часот) во рамките од 29-то коло во Првата лига, во кое дербито е во Струмица на „Младост“ каде играат Академија Пандев и Беласица.

Прилепчани сезонава се изнашетаа низ Македонија за да бидат домаќини. Тргнаа од Битола, каде им беше најблизу за да ги дочекаат ривалите, па потоа играа и во Струмица, се преселија и во Кичево, а сето тоа поради неможноста да играат на својот „Гоце Делчев“, кој повеќе од две години се „реконструира“ (градежните работи тапкаат во место и од неодамна почна повторно да се средува стадионот).

Победа ја има една од последните шанси за да се врати во игра за опстанокот во последните осум кола од сезоната, но мора да го победи Шкупи, кој од друга страна се бори за место во Европа. Судија на мечот е Јосип Бартон.

Академија Пандев и Беласица во струмичкото дерби ќе се пресметаат, а на Беласица и тоа како и треба победата за да остане во трката со Силекс за обезбедување на барем баражот за опстанок и избегнување на директното испаѓање. Во ситуација кога Силекс во Кратово го дочекува Работнички, Беласица мора да освои бодови зашто триумф на кратовци би значело повеќе од извесна разврска за опстанокот. Судија на струмичкото дерби е Зоранчо Темелков, а во Кратово на центарот ќе биде Димитар Мечкаровски.

Шкендија во Тетово ќе ја дочека Македонија ЃП, а арбитар е Марјан Гоцевски и ова е прв од четирите меча што треба тетовци да ги добијат за шампионската круна. Во случај на киксови на главниот ривал Вардар, Шкендија може и побрзо да стане првак. Вардар во ова коло повторно е домаќин, сега на Ренова на Маџари, каде Васко Мавров ќе ја дели правдата.

На табелата Шкендија со 63 бода е на чекор до титула, Вардар е втор со 51, следи Академија Пандев со 47 (меч помалку), Работнички 39, Ренова 36, Шкупи 36, Македонија ЃП 35, Силекс 28, Беласица 24, Победа 20 (меч помалку).