Од Вардар зависи дали ќе гледаме возбудлива пролет во Првата лига

По неверојатно активниот зимски преоден рок во кој најголемиот дел од македонските прволигаши изнакупија за беспари еден куп нови фудбалери, денеска од 14 часот почнува пролетната полусезона во која уште на стартот тргнува со дербито за титулата помеѓу есенскиот лидер Шкендија и актуелниот шампион Вардар.

Иако вчерашниот дожд и снег направија проблеми, па дел од мечевите висеа како неизвесни за одигрување поради лошите услови, петте прволигашки мечеви се закажани за старт во 14 часот, а допрва ќе се види дали и какви услови ќе имаат фудбалерите од нашата елита во првото пролетно коло. Нормално, во фокусот е пресметката за титулата од чиј исход ќе се знае понатамошната разврска во оваа сезона.

Шкендија тргнува од пол-позиција со осум бодови предност, што не е преголема залиха, но за македонски услови може да биде и огромна. Денеска победа на тетовци би значело дека титулата им е на дофат, дури и со реми и само уште едно дерби до крајот би ги оставила на вистински колосек за титулата, па затоа Вардар ќе мора да се потруди за да победи и да се врати во игра за да го направи првенството многу поинтересно. Скопските црвено-црни, кои направија малку поголема реконструкција на тимот, за разлика од Шкендија која го задржа комплетниот ростер и додаде низа заилувања, па сега на дело ќе се види дали актуелниот шампион и понатаму има конкурентен тим за круната.

Сооглед на сериозниот пристап на дел од екипите со европски амбиции, но и на тие што се борат за опстанокот, пред се Победа и Ренова, им влеваат надеж на скопјани дека пролетва Шкендија нема да има така лесни задачи во прволигашките мечеви и дека низ 18-те кола ќе има повеќе изненадувања, а со тоа и поголема надеж за да се достигне сериозниот заостаток зад големиот ривал. Сепак, за да се размислува на подолг рок, Вардар има испит кој прво треба да го положи, за потоа да се надева на шанси за шампионскиот трофеј.

Два порази во серија имаат скопјани во Тетово, а последен пат се радуваа на 23 октомври 2016 година со триумфот во првенството со 2-0. На стартот на оваа сезона, Вардар загуби со ист резултат, кога сè уште тренер беше Гоце Седлоски, па за актуелниот кормилар на вардарци, Чедомир Јаневски ова е прво дерби со Шкендија на гостински терен.

Во сенка на пресметката за тронот остануваат денеска четирите други мечеви, од кои две дербија. Првото се игра во Турново, каде пелагониските ривали Победа и Пелистер со реконструирани тимови ќе водат голема битка за опстанокот. Во Маџари , пак, дерби за Европа – супер засилениот Шкупи против хитот на есенскиот дел Академија Пандев.

Работнички ја пречекува Ренова на Националната Арена „Филип Втори“, а Силекс е домаќин на фенерџијата Скопје во последните два меча во кои домаќините исто така имаат европски амбиции, па тоа ќе треба да го докажат уште во воведните 90 минути од пролетниот дел.

ПРВА ЛИГА, 19 КОЛО

Маџари: Шкупи – Академија Пандев

Тетово: Шкендија – Вардар

„Филип Втори“: Работнички - Ренова

Кратово: Силекс – Скопје

Турново: Победа – Пелистер

ТАБЕЛА

Шкендија 46 бода, Вардар 38, Силекс 31, А. Пандев 25, Работнички 23, Шкупи 23, Победа 19, Ренова 18, Пелистер 16, Скопје 10.