Од Шкендија засега само заминувања: Шампионот го напушти и Изаир Емини

Тетовска Шкендија веќе ги започна подготовките за новата сезона и пред се новата летна авантура во Лигата на шампионите, а засега во исчекување на засилувања за црвено-црните, засега игра само „метлата“ под Шара, па Изаир Емини е четврти фудбалер што си оди.

Напаѓачот, кој играше клучна улога сезонава во освојувањето на новата титула, пред се откако Бесарт Ибраими го повреди коленото преку социјалните мрежи објави дека си заминува од Шкендија, а клубот засега нема официјално потврдено вакво нешто.

Емини е поранешен фудбалер на Ренова, поранешен најдобар стрелец во Првата лига, а во Шкендија дојде од Кукс.

„Почитувани поддржувачи, сакам да ве информирам дека повеќе не сум дел од Шкендија. Сакам да им се заблагодарам на сите за поддршката во овие години“, напиша меѓудругото Емини.

Пред Емини од Шкендија си замина бившиот репрезентативец Самир Фазли, потоа десниот Бек Благоја Тодоровски, а на чекор од заминување е Бесимир Бојку. Во најава е и можно заминување на Костадин Чешмеџиев, бившиот младински репрезентативен стопер, кој не доби премногу шанса, како и на Ремзифаик Селмани.