Неодењето во Европа отвори стари рани: Ќе остане ли некој да „плива“ во матниот Вардар?!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар не доби лиценца за настап во Европа, иако фудбалерите резултатски и спортски апсолутно заслужија новото европско лето, особено ако се знае дека цела сезона играа речиси бесплатно, што воедно отвори многу горчливи прашања поврзани со иднината на најтрофејниот фудбалски колектив кај нас.

Фудбалерите ја немаа поддршката од управата кога таа најмногу им требаше, пред сѐ во делот со исплатата на долговите, што всушност е и главната причина што црвено-црните се најдоа на столбот на срамот кај целата македонска спортска јавност. Тоа што Вардар нема да игра Европа е срамно и трагично за клуб, кој до пред само година ипол беше дел од европската елита, учесник во групната фаза во Лига Европа. Но, неизлегувањето на меѓународна сцена е уште пострашно во делот на финансиите, со оглед што вардарци ќе останат без 230 илјади евра кои би ги добиле за излез во Европа, а можеби и без двојно поголема сума (во зависност колку кола би издржал тимот во Европа), што дефинитивно носи крајно неизвесната иднина за македонскиот великан

Сето ова е само кулминација на сѐ што се случуваше во последните 15-тина месеци, почнувајќи со нерезонскиот бојкот за „случајот младинец“ и беспотребното жртвување на минатата сезона, преку елиминацијата од Пјуник и подолго време блокираната сметка како потврда на хаосот во клубот. И сега, откако актуелниот погон машки се избори за Европа, но нема да ја добие наградата за тоа, прашање е колку од фудбалерите би останале за идната сезона. Ова посебно се однесува на носителите на играта како голманот Филип Гачевски, преку Евгениј Новак, Владица Брдаровски, Коста Манев, па сѐ до Филип Најдовски, Дарко Мицевски, Даниел Аврамовски. Првата ѕвезда на тимот Фелипе ионака имаше договор само до летово и веќе е слободен да бара нов клуб.

За очекување е дека најголем дел од нив многу лесно би можеле да си заминат, бидејќи од ноември навака добија куп лажни ветувања и исплата на само мал дел од долгот и тоа на 31 јануари кога се бркаше рокот пред УЕФА, а што тогаш беше прикажано како најава за позитивни ветришта кои го зафатиле клубот. Дополнителна причина за сѐ поголемиот страв кај армијата навивачи на Вардар дека нивниот миленик може да остане само на младинци е и фактот што нема дефинирана иднина, пред сѐ од првиот човек на клубот, Сергеј Самсоненко, кој неодамна најави заминување од ракометното „братче“ од црвено-црното семејство. Шпекулации има за негово останување, но и за заминување и од фудбалската секција, но официјална информација нема. Факт е дека се сѐ погласни најавите дека Самсоненко и во иднина ќе биде на чело на скопскиот гигант, но сега, пак, се наметнува прашањето каква е мотивацијата во клубот пак да се почне од почеток и дали идејата би била да се направи тим за титули или, пак, Вардар да се претвори само во просечен клуб.

Најголемиот страв кај вардаровите навивачи по недобивањето на европска лиценца е дека нивниот миленик полека, но сигурно се враќа на нивото од 2008 година, кога на сличен начин почна распадот кој од сезона во сезона го остави клубот само на младинци за на крај да испадне резултатски, дебакл кој беше анулиран со фузија за да се задржи прволигашкиот статус и епитетот единствен тим во Македонија кој не играл во понизок ранг од Првата лига.

Истовремено, со неизлегувањето во Европа, Вардар ќе си го урне и европскиот рејтинг, што значи дури следното лето, ако евентуално се направи тим и се излезе во Европа, наместо во улога на носители ќе биде префрлен во групата на аутсајдери. Тоа значи градење на рејтинг од почеток, што значи и леење на тони и тони пот за да се врати клубот на рамништето кое беше лани на ранг-листата.

Затоа, на сегашните предводници на најтрофејниот тим е да сторат сѐ да не дојде до сево ова односно да успеат да спасат барем тоа што може да се спаси и Вардар одново да биде онаму каде што реално и му е местото - во самиот врв и секако во Европа.