Нема крај на егзодусот: Вардар остана и без Најдовски

Еден од стандардните првотимци на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Филип Најдоски е последен во низата кој заминува од таборот на црвено-црните, иако тргна во новата сезона како дел од скрпениот тим кој буквално остана без три четвртини од составот кој минатата сезона до прекинот поради коронавирусот доминираше во Првата лига.

Најдовски беше стандарден фудбалер и еден од неколкуте клучни столбови на тимот, поради својата бескомпромисност и пожртвуваност, кој покриваше и како дефанзивен фудбалер за врска, неретко играше и како стопер, па неговото заминување е уште еден удар врз македонската гордост.

За Најдовски се најавува трансфер во албанска Тирана, кај Кристијан Тошевски кој од неодамна официјално потпиша договор за албанскиот шампион, иако за фудбалерот за врска имаше интерес и од Борац Бања Лука во пред два месеци, а се поврзуваше и со унгарски Ујпешт. Заминувањето на Најдовски барем во средниот ред ќе го покрие Вардар со екс-репрезентативецот Милован Петровиќ, чија кариера е во вртоглав пад, но заминувањето на стандарниот првотимец на Вардар е критично зашто црвено-црните остануваат само со двајца централни дефанзивци – Велковски и Наумчевски.

Во моментов од староседелците засега во тимот се Матеј Цветановски, Јован Попзлатанов, младите Фитор Реџепи, Бојан Колевски, Давид Велковски и најискусниот Дарко Мицевски, но сите тие може кога сакаат да си заминат ако најдат понуда, што беше случај и за Најдовски. Повеќе од извесно е дека Цветановски не останува во Вардар, а само на прашање на време е очигледно кога и Мицевски ќе повлече нога и ќе си замине, со што комплетниот прв тим што минатата сезона го понесе товарот нема повеќе да биде дел од црвено-црните.

Црвено-црните летово останаа без комплетниот екстра-талентиран младински потенцијал од Марио Младеновски, Али Адем, Џемал Ибиши, Леонид Игњатов, Азар Омерагиќ, Бојан Димовски, како и без целиот костур на тимот од Филип Гачевски, Евгениј Новак, Кристијан Тошевски, Владица Брдаровски, Даниел Аврамовски, сега и Најдовски.