Навивачите на Шкендија бараат претседателот да си оди, инаку ќе ги објавувале – валканиците!?

Навивачите на поранешниот македонски шампион Шкендија најавија радикализација на своите активности во обид да го избркаат од клубот претседателот Бесник Ибраими, на кого му упатија последен повик да си замине, за да не ги објавеле сите негови валканици во ерата додека раководи со клубот.

Сосема неочекувано во ек кога Шкендија има добра европска сезона и утре против АИК ќе се бори за пласман во плејофот во Конференциската лига, навивачите на Шкендија тргнаа во „војна“ со првиот човек на клубот кој од 2013 година наваму го спонзорира компанијата „Еколог“. Навивачите и во ек кога Шкендија не ги исполнила посакуваните цели, а двапати се бламираше во Европа во последниве три години, вака не реагирале, па во Тетово веќе почнаа да плетат приказни за „проблемите во рајот“ во клубот во кој сѐ беше како подмачкано, а се славеше од првиот момент кога моќниот Лазим Дестани го презема раководењето на прволигашот и екс-македонски првак.

„Се молевме Еколог да влезе во Шкендија во 2013 година и сега дали навивачите заслужуваат игнорантски однос од моменталниот лојален претседател Ибраими, кој мисли дека ужива во својот кредит од нас. Ние имаме само една одлука – замини си што побрзо и тргни ги рацете од нашиот сакан клуб!

Во спротивно ќе продолжиме со радикалното однесување и со активностите за да ја оствариме целта. Попрецизно, ќе ги објавиме сите валканици кои ги има направено претседателот во овој период додека е прв човек на клубот“, објавија навивачите на Шкендија.

Од што се незадоволни тетовските приврзаници е нејасно, посебно во овој период во кој Шкендија повторно има тим за трофеи откако во минатата сезона не освои ништо.