Навивач ограбен од ФФМ: Платил 420 евра за „билети“ кои биле - покани!

За финансиските нерегуларности во ФФМ Спорт1 пишува(ше) многу текстови, на тоа се надоврза и визитата од финансиската полиција деновиве, но изгледа најмоќната федерација во државава не се занимава само со крупни пари, туку и со денарот на обичниот граѓанин. Еден наш читател, до редакцијата на Спорт1 испрати докази за грабеж од страна на лице од ФФМ, кој му се случил лично нему.

Цеко од Тетово вели дека она што му се случило со ФФМ нема да го заборави никогаш и сака да го чуе и види целата јавност. Станува збор за измама која ја претрпил во 2013 година, во периодот кога Македонија играше квалификации за СП во Бразил во група со Белгија, Србија, Хрватска, Шкотска и со Велс. Тој и уште шестмина пријатели сакале да го гледаат гостувањето на нашата репрезентација во Брисел, па се обратиле за билети до ФФМ.

„Културно се јавив во ФФМ за да прашам дали има билети за натпреварот, се разбира за да си купиме. Ми рекоа дека има и дека чинат 60 евра. Си платив 420 евра и заминавме за Брисел“, кажува Цеко, кој сега е во седмата деценија од животот.

Проблемот го воочиле дури таму, на стадионот, пред почетокот на мечот.

„Влеговме во стадионот, на билетите си имаше ред број, како што треба и најдовме и други Македонци. Кога поразговаравме за тоа кој како дошол до билети сфативме дека сме измамени. Јас не знам англиски, арно ама луѓето ми посочија дека на билетите коишто ги плативме 420 евра пишувало 'инвитејшн' и дека всушност биле покани. Некој од ФФМ се дрзна и ни зеде пари за покани кои не се за продавање.“, раскажува тетовчанецот, праќајќи ни го 'билетот' и фактурата  со која е платен.

Уште вџашен и револтиран како да се случило вчера, а не пред пет години, тој сподели дека работел на раководни позиции во својот професионален век и дека јасно му е како одат работите со билети. Затоа вели дека им се случил класичен грабеж и посакува сите да бидат внимателни и да не наседнат.

„Па со тие пари можеа авионски билети да ни купат. Ајде нека ги парите, нити ги сакаме, нити ги бараме, туку се почувствувавме крајно навредени и изиграни. Ние сме чесни луѓе и големи фудбалски љубители. Без нас не поминал натпревар на Вардар или на Тетекс уште во времето на Југославија, а камо ли за репрезентацијата на Македонија. Ова што ни го приредија од ФФМ е срамно и долно. Затоа сакам да се разбере за ова мое искуство, да не можат да му го направат и на некој друг“, заврши измамениот навивач.

Белгија и Македонија играа на 26 март 2013 година (1-0 за Белгија), неполна година од доаѓањето на Ѓорѓиоски на раководната фотелја во ФФМ. Очигледно, не требало да помине долго време од неговиот прв мандат, за некои поединци од таа владејачка гарнитура да почнат да расмислуваат на својот џеб, а не за доброто на фудбалот. Ваквиот имиџ го следи раководството предводено од Илчо Ѓорѓиоски до неговата оставка, во јули ова лето, а работите не се качија на подостоинствено ниво и во месеците потоа.

Со срамни потези и во голема тајност се обидуваа(т) да спроведат промени во статутот, кои го фаворизираат сценариото за нов претседател да биде привремениот заменик на Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини. Вонредното собрание на кое треба да се изгласаат овие промени ќе се одржи утре, во Охрид.