Натпреварот Новаци - Македонија Ѓорче Петров регистриран со службена победа за домаќините

Од Комисијата за натпревари при Фудбалската федерација на Македонија денеска потврдија дека натпреварот Новаци – Македонија Ѓорче Петров е регистриран со службен резултат за домаќините.

Натпреварот заврши без голови 0-0, па така сега на табелата на „лавовите“ ќе им биде одземен еден бод, а на Новаци додадени два.

Причината за службената победа е грешката која ја направиле од редовите на клубот од Ѓорче со која го прекршиле правилото за младинец. Од Македонија Ѓорче Петров погрешиле во моментот кога Вецески кој повеќе нема статус на младинец го заменил Скавков.

Според правилото сите клубови од Втората лига мора натпреварот да го започнат и да го завршат со најмалку двајца домашни фудбалери кои немаат наполнето 21 година.

Со загубениот бод Македонија Ѓорче Петров падна на четврото место со ист број на бодови со Детонит (10). Новаци со добиените два бода дојде до девет бода и се искачи на седмото место.