Нашата циркус-лига без гледачи, а во соседството ќе ги отворат трибините за навивачи!?

Македонскиот фудбал ќе продолжи во втората половина на идниот месец во термин кој дополнително ќе биде познат (се чека зелено светло од кризниот штаб), но тоа што е сигурно, прекинатата сезона ќе се доигра без присуство на публика.

Тоа што ќе се игра пред празни трибини и не е нешто што посебно ќе го почувствуваат прволигашите, зашто веќе од поодамна и во едни други нормални услови, сè помалку гледачи доаѓаа на стадионите, па бројките вртоглаво паѓаа од година во година, ефект на се поголемиот неквалитет на елитниот домашен фудбал. Забраната за јавни собири во земјава останува на сила, иако се укина полицискиот час, ќе се отворат кафаните и кафулињата, па и тие малкумина што одат на стадион, домашен фудбал ќе гледаат само на телевизија и на интернет-стримовите на ФФМ.

За разлика од Македонија, две земји во нашето најблиско опкружување, Србија и Црна Гора веќе најавуваат фудбал со гледачи. Не дека во Србија ќе искршат нозе за да остат на стадион, ама бројките на гледаност во споредба со нашата земја се далеку поголеми, а иако Србија има и во моментов жаришта на коронавирусот, епидемиолозите најавуваат дека ќе се разлабави мерката за забрана за одење на стадион, со задолжителна мерка – да се држи дистанца.

„Ако продолжи трендот на намалување на заразените и на починатите, не гледам причина зошто да не се намалат и тие мерки. Имаме ние асимптоматски случаи, кои не знаат дали се носители или не, зашто само тест може тоа да го потврди. И зошто не би ги отвориле стадионите, ако такви случаи може да се појават во автобус на градски превоз или во шопинг-мол, или да шета низ парк. Јас се надевам дека ние на стадионите нема да ставаме кукли како во Германија. Јас уште утре би ги отворил стадионите, ако само ја следиме препораката дистанца од два метри“, вели Бранислав Тиодоровиќ, еден од епидемиолозите во кризниот штаб кај северниот сосед.

Србија викендов го рестартира фудбалот, а за две недели би можеле трибините да се поднаполнат. Црна Гора, пак, најави рестарт на сезоната на почетокот на идниот месец, а исто така се најавува отворање на трибините, но нема да има масовност, но во Црна Гора бројот на гледачи не е преголем и во нормални услови.