Најдобриот македонски судија ќе дели правда на соседското дерби Работнички – Вардар

Најдобриот македонски судија, интернационалецот Александар Ставрев ќе ја дели правдата на претстојното соседско дерби на Националната Арена „Филип Втори“ помеѓу Работнички и Вардар во рамките од 24-то коло во Првата лига, кое некомплетно е на програмата задутре.

Работнички и Вардар по 65-ти пат ќе се соочат во меѓусебна пресметка, а сезонава и двата тима имаат по еден триумф и тоа како гости, па се очекува исклучително интересен и возбудлив меч, особено што на дебармаалци им гори под нозе и ќе мора да бркаат триумф за да се вратат во игра за Европа. Вардар во моментов е на плус девет во однос на нив и на вториот градски ривал Шкупи, кого пред репрезентативната пауза го победија со 1-0.

Ставред ќе ја дели правдата со помошниците Марјан Кировски и Бранко Путилин, а интересно овој меч иако е далеку поинтересен и повозбудлив, ФФМ не му додели пет судии. Петмина арбитри ќе има на Чаир, каде Шкупи ќе се соочи со Македонија Ѓорче Петров. Таму главен арбитар ќе биде Јосип Бартон.

Димитар Мечкаровски повторно ќе ѝ суди на Шкендија, овојпат на гостувањето во Кратово, каде актуелниот макеоднски првак гостува кај бившиот шампион Силекс. Игор Стојчевски е судија на мечот Ренова – Беласица во Тетово.

Мечот помеѓу Победа и Академија Пандев, кој е на програмата во ова коло нема да се одигра, на барање на пандевци кои имаат петмина млади репрезентативци во составот и тие нема да бидат подготвени за настап, сооглед дека младата селекција денеска има меч на „Анталија купот“. Дуелот е презакажан за 1 мај.

Сите мечеви се играат од 14.30 часот.