Поранешниот четирикратен македонски првак Работнички доживеа вистинска катастрофа на Националната Арена „Тодор Проески“, па загуби со 0-5 од Академија Пандев, Струга Трим Лум го доби дербито во Штип со Брегалница, а Силекс ја шокира Шкендија на стартот со реми 1-1 во ова второ коло во Првата лига.

Петти меч по ред Академија Пандев го победи Работнички, кој повеќе од година ипол не знае за триумф против струмичани, а две ипол години нема победа на својот стадион во Скопје, па денеска го доживеа и најубедливиот пораз. Работнички по 180 минути во новата сезона повеќе најавува грчевита борба за опстанок, одошто битка за европските позиции, зашто пандевци денеска ги измасакрираа „романтичарите“ и им одржаа фудбалска лекција, а сѐ заврши за едно полувреме откако струмичани во првите 45 минути им дадоа три гола.

Ване Крстевски даде хет-трик, првиот минута пред полувремето, а два во вториот дел, прво седум минути по рестартот на мечот, а потоа во втората минута од судиското надополнување на крајот, а серијата ја отвори Горан Томовски по десет минути игра, а десет потоа Иво Јанакиевски си даде смешен автогол.

Струга Трим Лум дојде до втора победа и го освои тешкиот терен во Штип со тирумф три минути пред крајот откако Хоган Укпа, летното засилување даде фантастичен гол за нови три бода со кои стружани и тоа како ја истакнуваат кандидатурата за место во Еворпа, но и најавуваат дека ќе се борат и за титулата.

Во меч на кој Брегалница во првиот дел промашуваше, а Ведран Ќосевски ги спасуваше стружани, а потоа во вториот дел домаќниот голман Шчеќиќ еднаш го спаси голот по удар на Касами, но не можеше минута потоа по корнерот, кога Укпа на одбиена топка ја погоди мрежата.

Тетовска Шкендија остана без три бода во 91-та минута откако Арсим Љамалари со гол му донесе голем бод на Силекс и второ место по две кола. Првиот меч за тетовци сезонава откако поради европските настапи паузираа на отворањето на сезоната минатиот викенд, дојде во водство преку Дашмир Елези после 17 минути и кога сите чекаа крај и стартен триумф во Струга, каде црвено-црните беа домаќини поради казната за инцидентите со Шкупи на крајот на минатата сезона, следеше шок за реми.

Прва победа запиша и Тиквеш во својот прв меч сезонава во пресметката со Победа, откако Александар Мишов во последната минута од првиот дел даде гол за водство, погодок кој на крајот се покажа како лучен и за три бода. За Побед ова беше прв меч на својот стадион „Гоце Делчев“ по цели 12 години во прволигашката конкуренција, но четата на Бобан Бабунски не успеа да се избори барем за бод од овој меч во пресметка на клубовите кои сезонава треба да се борат за опстанокот.

ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО

Шкендија – Силекс 1-1 (1-0)

Елези 17 – Љамалари 90+1

Брегалница – Струга Трим Лум 0-1 (0-0)

Хоган Укпа 87

Победа – Тиквеш 0-1 (0-1)

Мишов 45

Работнички – Академија Пандев 0-5 (0-3)

Томовски 10, Јанакиевски 23 аг., Крстевски 44, 52, 90+2

Слободен е Скопје

ВЧЕРА

Шкупи – Македонија ЃП 2-1 (0-0)

Трапановски 67, Цепас 70 – Скендери 87

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 6, Силекс 4, Брегалница 3, А. Пандев 3, Шкупи 3 (-1), Тиквеш 3 (-1), Шкендија 1 (-1), Скопје 0 (-2), Македонија ЃП 0 (-1), Победа 0, Работнички 0.

ИДНО КОЛО (21 АВГУСТ): А. Пандев – Шкендија, Македонија ЃП – Победа, Силекс – Скопје, Струга ТЛ – Работнички, Тиквеш – Брегалница. Слободен е Шкупи.