Македонија ЃП и Струга Трим Лум со втори порази на зимските контролки во Анталија

Македонските прволигаши Македонија ЃП и Струга Трим Лум ги запишаа вторите порази на зимските контролки во Анталија, каде најголемиот дел од екипите од домашната елита засилено се подготвуваат за пролетниот дел од сезоната, кој стартува на 16 февруари.

„Лавовите“ после ремито без голови со полски Погон, сега врзаа два порази откако загубија од бугарско Черно Море со 3-2, откако претходно добија петарда од украинска Олександрија. Дејан Блажевски и Ален Јашаровски беа стрелци на првите голови во третиот меч, кој се играше 120 минути.

Струга Трим Лум загуби со 0-2 од полска Арка Гдиња на вториот тест и веќе втор меч стружани не успеваат да дадат гол на овие подготовки, откако во првиот загубија со идентичен резултат од Ахал од Туркменистан.

Пелистер со 2-1 го победи Тиквеш во „второлигашката контролка“ на двата тимови со амбиција да обезбедат пласман во македонската елита напролет.