„Лавовите“ летнаа кон Анталија (ФОТО)

Македонија Ѓорче Петров денеска замина на подготовки во турскиот спортски и туристички центар Анталија. Прволигашот тука ќе ги одработи главните подготовки пред продолжението на сезоната во Првата лига. 

Засилени со четворица нови играчи, Самир Фазли, Робсон да Силва, Чарлс и Изет Ајрулаху, „лавовите“ ќе се надеваат на задржување на третата позиција на табелата, која води во европските купови. 

Тренерот Жикица Тасевски ќе бара максимална ангажираност од своите избраници и овие подготовки ќе служат за пронаоѓање на вистинската форма на пролет. 

Македонија ќе одигра шест натпревари во Анталија. Првата контрола е со Олександрија на 24 јануари. Три дена подоцна, „лавовите“ ќе ги одмерат силите со Инхулетс. Потоа ривали се Монтана и ЦСКА 1948 на 30 и 31 јануари, а последните два натпревари се против Минај (3 февруари) и Олимпик Доњецк (5 февруари).