Најтрофејниот македонски клуб Вардар со пораз ја за почна новата прволигашка сезона откако денеска загуби во малото скопско дерби од Македонија ЃП со 0-2, иако црвено-црните фудбалски не заслужија да останат без бодови против „лавовите“ на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.

Црвено-црните денеска се изнаиграа со топката, постојно напаѓаа, имаа посед, имаа шанси, но изостана реализацијата, а двапати и немаа среќа кога директо беше сојузник на ѓорчепетровци. Поранешниот вардарец Боби Божиновски го реши денешниот дуел, со гол по 20 минути игра по асистенција на Бенјамин Демир, момент кој на крај се покажа како решавачки на мечот, за во финишот Сефер Емини само да ја запечати победата на минута пред крајот.

Сѐ денеска беше во корист на Вардар и црвено-црните не заслужија да загубат, но тимот повторно ја покажа старата болка со нереализацијата на шансите, поради која денеска останаа без бод(ови). Дарко Мицевски во првиот дел и Бојан Димовски во вториот погодија дирек, Џемал Ибиши и Али Адем имаа добри можности за реализација, но не погодија во првиот дел, а голманот Марко Јовановски му одбрани на Жуниор во петте добри можности н црвено-црните. Плус имаа уште десетина полушанси во кои недостигаше завршен момент, или човек на вистинско место за реализација или потег и додавање во право време.

Ѓорче дојде на гостувањето кај Вардар да одолее на нападите, па дури и да си освои бод. Успеа од еден момент и единствената вистинска шанса да даде гол, а потоа се одбрани за да ја запише победата. Во финишот ѓорчепетровци ја искористија тоталната офанзива на Вардар за да се заканат преку противнапади, Нето имаше зицер кој лошо го реализира во 73-та минута, а на минута пред крајот Емини погоди за да ја обезбеди победата.

Шкендија вчера загуби од Академија Пандев со 0-1, а победи запишаа Ренова, Шкупи и Струга Трим Љум во ова воведно коло од 28-та сезона. Вардар следниот меч го очекува со гостувањето кај Борец викендов.