Крах на еден од најголемите македонски брендови: Тетекс испадна во Трета лига!

Еден од најголемите македонски брендови Тетекс, поранешен прволигаш и во бивша Југославија, освојувач на два пехари во Купот на Македонија, наш европретставник стигна до дното откако денеска и официјално испадна во Третата лига.

Клубот од Тетово, кој заедно со Вардар, Пелистер, Победа, Беласица се најголемите макеоднски брендови во земјава ја заврши сезоната на најтрагичен можен начин со испаќање од западната група во Втората лига, откако денеска во последното коло не успеа да победи кај Влазерими во Кичево, за да чека евентуална помош од Скопје да го победи Кораби во Дебар. Но, дури и „штофарите“ да победеа, Кораби со триумф со 2-1 сам си го обезбеди опстанокот и го испрати Тетекс во третолигашкото друштво.Тетекс загуби со 1-4, а дека Третата лига им е на дофат најава беше црвениот картон на Дарио Десниќ во 23-та минута, а потоа и голот на Шериф Реџепи пет минути подоцна. Реџепи во 67-та, Мргим Дани во 72-та и Емин Сала во 84-та го запечатија испаѓањето, а почесен гол даде Валон Зекири во 75-та.

Со ова кризата на тетовската гордост кулминира, откако клубот од стабилен прволигаш, со куп-пехар пред четири години и со настап во Европа почна да тоне, па заглавуваше се подлабоко во калта и уште есеноска се насетуваше дека та криза нема да запре. Иако пролетва се обидоа со неколку проверени играчи да се спасат, на крајот тетовци не успеаа и од август ќе мора да играат во третолигашка конкуренција.

Покрај Тетекс од западната група испаднаа и Генч Калемлер, кој лани првпат се избори за второлигашка конкуренција, како и Гоблен. Од источната група испаднаа Каменица Саса, Вардар Неготино и Партизан Обршани, како и Детонит јуниор, откако Плачковица денеска победи со 2-0 против Кожув и се спаси.

Во првата лига од претходно пласман обезбедија Струга Трим Љум (Запад) и Борец (Исток), додека Лабуништа и Тиквеш ќе се соочат во баражот, а победникот ќе игра со Силекс во пресметката за место во Првата лига. Од прволигашката конкуренција во Втората лига во идната сезона ќе играат Победа и Беласица.