Коронавирусот го „спасува“ Вардар - ќе има подолг рок за лиценца за да не извиси од Европа?

Во низата лоши вести и предвидувања со сотуацијата со пандемијата со коронавирусот, одлуките на УЕФА за откажување на Евро 2020 и за пролонгирање на сезоната до крајот на јуни, му донесоа и малку порадосна вест на најтрофејниот македонски клуб Вардар околу вадењето на лиценца за Европа.

Одамна е познато дека Вардар е во сериозна финансиска криза, дека исплатите се нередовни и дека и во оваа сезона во која црвено-црните од аутсајдери сега се на вистински пат за шампионската титула, повторно скопјани висат за лиценца. Вардар треба да исплати долгови до 1 април, кој беше рокот, за потоа во мај да ја добие лиценцата, арно ама тој притисок сега по се изгледа ќе се разлабави, а вардарци ќе добијат подолго време за да ги испеглаат работите.

Косовската федерација во објавените детали од вчерашната видео-конференција на сите нивоа на УЕФА со клубовите, лигите, здружението на фудбалери, федерациите, посочи дека ќе се пролонгира лиценцниот процес, но без детали, наведено дека допрва сето тоа ќе го потврди работна група од Нион. Пролонгирањето на лиценцирањето значи дека Вардар би требало да добие на време за да успее раководството да ги испегла финансиските долгови и тоа тоа да не му се случи ланската година за да извиси за настап во Европа.

Црвено-црните по 23 кола, на 13 до крајот на првенството имаат 11 бода предност пред Шкендија и се на вистински пат да стигнат до шампионскиот трофеј, кој освен како титула е многу важен, зашто на најтрофејниот клуб ќе му гарантира најмалку 750 илјади евра од излез во Европа и тоа со само едно коло во ЛШ и Лига Европа, а секое подолго задржување на меѓународната сцена, приходот ќе стане милионски.

Вардар лани не доби лиценца поради големата финансиска криза, иако беше втор и имаше обезбеден пласман во квалификациите за Лига Европа (неговото место го зазема Македонија ЃП), а потоа доби и суспензија од два преодни рока за „случајот Максимов“ од ФИФА. Затоа сега е сериозна шанса со ова одложување, Вардар да успее да стигне до лиценца за да си обезбеди сериозен приход кој е основа за опстанокот на тимот (да не се случи тотален распад на екипата), а со летни засилувања да биде уште посилен и за новата сезона, ама и за подолга европска авантура.

УЕФА допрва треба да го разработи планот за почеток на европските квалификации, начинот кој би добил пласман ако евентуално првенства не се доиграат и многу други технички детали, кои засега висат поради ситуацијата со вирусот, па не може веднаш да се направи нов ревидиран календар.