Најдобриот напаѓач во македонското првенство, Баже Илијоски на најдобар начин ја започна епизодата во чаирскиот прволигаш Шкупи, па денеска на отворањето на пролетниот дел во Првата лига постигна хет-трик за 17 минути за да им донесе убедлив триумф со 5-2 против Академија Пандев во „дербито за Европа“.

Чаирчани сериозно се засилија зимава истакнувајќи ги своите амбиции за настап во Европа летово, па сето тоа го покажаа експресно во првото воведно коло. Илијоски, кој во Шкупи заврши откако се растури куп-победникот Пелистер набрзина го реши струмичкиот тим, погодувајќи во период од 7-та до 24-та минута од мечот, па практично и сам ја победи Академија Пандев.

Шкупи со оваа победа стигна до четвртото место, прескокнувајќи ги струмичани, а и најмногу поради ремито на бившиот шампион Работнички, кој денеска немаше муниција против Ренова, па на Националната Арена „Филип Втори“ ремизираа без голови.

Иако донесоа комплетно нов тим и најавија амбициозен акат на средината на табелата, мотивирани и со плата ден пред мечот, Победа не успеа да го победи Пелистер во пелагониското дерби во Турново, ремизирајќи 1-1. Двата гола паднаа за 120 секунди, поведоа битолчани преку Борче Маневски, а израмни Зоран Даноски, но прилепчани немаа сила за да стигнат до победа против еден од кандидатите за испаѓање, поради распадот на целиот проект за европски клуб.

Дуелот Силекс – Скопје поради поплавениот терен во Кратово денеска не се одигра и е презакажан за идната среда на 21 февруари.