Хаџиевски преговара со Беласица, главен конкурент му е Косовец!?

Поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски и бившиот кормилар на Пелистер, Наџи Шенсои се двајцата главни кандидати за тренерското место во струмичка Беласица, откако раководството на клубот реши да го смени Марјан Живковиќ на едно коло пред крајот на есенскиот дел.

Живковиќ ја презема Беласица од Раде Цицмиловиќ, кој немаше ПРО-лиценца, но наместо барем во помирни води, струмичани заглавија на дното со само 17 бода од 18 кола, колку што има и прилепска Победа. Но, Беласица успеа да остане во игра за трофеј, како полуфиналист во Купот и напролет ќе ја чека двомеч пресметка со Македонија ЃП.

Откако го сменија Живковиќ низа имиња се појавија во игра за истпразнетото тренерско место, но засега главни фаворити се Хаџиевски и Шенсои. И двајцата последно каде што работеа во Македонија беше – Пелистер. Хаџиевски работеше во битолскиот клуб во 2015 година, пред да замине во Емиратите на печалба во последните две години, а Шенсои го водеше Пелистер во минатата сезона, кога со клубот ја освои куп-титулата.

И двајцата се во преговори со Беласица, а наскоро се очекува струмичани да го изберат новиот кормилар, кој по нова година ќе ги започне подготовките, па и ќе го засили тимот со цел да се обезбеди битка за куп-трофејот со финале, но и да се остане прволигаш. Хаџиевски има богато минато, беше макеоднски селектор, го водеше Вардар, беше тренер на Војводина, ЦСКА Софија, селектор на Азербејџан, тренер во Џубило Ивата, во бугарски Вихрен... Шенсои, пак, е роден во Призрен на Косово, тој е Турчин од оваа земја и во кариерата има работено и во Истанбулспор и Генчербирливи (како помошник), Алибејкој, Туран Товуз, а најмногу работел во Бугарија од Славија Софија како помошник преку Беласица Петрич, Пирин, Вихрен, Локо Пловдив...