Градското дерби Шкупи – Вардар на Чаир ќе го суди струмичанецот Васко Мавров

Градската пресметка на лутите ривали Шкупи и Вардар, кое ќе се одигра в среда од 15.30 часот на стадионот во Чаир, ќе го суди струмичанецот Васко Мавров, кој е делегиран за дербито на колото во шестата рунда од Првата лига.

 

Пресметката на двата тима, кои се во врвот на табелата, Шкупи на четвртото, а Вардар на третото место ќе биде во фокусот на фудбалската јавност во земјава, иако во оваа шеста рунда има уште неколку интересни мечеви, пред се тетовската пресметка Ренова – Шкендија, малото скопско дерби на Работнички со Македонија ЃП, како и сериозниот испит на лидерот Академија Пандев во Струга.

Вардар на последните три гостувања на Чаир нема победа, а последен пат се радуваше пред скоро две години и тоа во Купот на Македонија (17 декември 2017) со триумфот со 2-0, а повеќе од две ипол години изминаа од последниот прволигашки триумф на црвено-црните (24 април 2017) со истиот резултат. На Мавров задутре ќе му помагаат Илија Гонев од Неготино и Кире Ангеловски од Струмица, а дополнителни судии зад головите се Марјан Гоцевски (Струмица) и Петар Мантев (Неготино).

Работнички против втората Македонија ЃП ќе бара излез од длабоката криза на Арената „Тодор Проески“, а Марјан Младеновски ќе ја дели правдата, додека под Шара во пресметката на градските ривали Ренова и Шкендија на центарот ќе биде Марјан Ецкоски од Охрид.

Во преостанатите два меча, Дејан Јакимовски ќе „свири“ во Струга на дуелот Струга Трим Лум – Академија Пандев, додека во Кратово главен арбитар на мечот Силекс – Борец ќе биде Александар Грујоски.

Сите мечеви се закажани за 15.30 часот.