„Гипсарот“ Кадриу наместо во Шкендија ќе заврши во – Азербејџан?

Еден од подобрите фудбалери во минатата сезона на Ренова, Флоријан Кадриу, кој пред почетокот на подготовките за новата сезона си замина од бившиот македонски првак, подолго време се поврзуваше со трансфер во градскиот ривал Шкендија, но наместо кај црвено-црните по се изгледа ќе направи нов трансфер во странство и тоа во Азербејџан.

Според информации на азербејџански медиуми, Кадриу е многу близу да го засили тамошниот прволигаш Сабаил, иако уште неколку други клубови од тамошната лига биле заинтересирани за него.

Кадриу во Ренова играше од јануари 2018 година кога во тетовскиот клуб дојде од скопски Работнички, па претходно играше во Шкупи. Во Македонија има настапи уште и за Влазерими од Кичево, а во странство играше за албанските Тирана и Теута во 2015 и 2016 година.

Родениот тетовец е лево крило, но може да игра и како напаѓач, а вредноста според „Трансфермаркт“ му е 150.000 евра.