Георгиев утре доаѓа во Скопје – ќе заврши ли конечно сагата за спас на Вардар?

Поранешниот бугарски репрезентативец Благој Георгиев утре ќе дојде во Скопје и во следните денови ќе се знае дали ќе има спас за најтрофејниот македонски клуб Вардар, откако од 15 мај црвено-црните останаа без газда после јавното повлекување на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко од клубот.

Георгиев веќе две години е заинтересиран за да влезе во Вардар, но во последните два месеци неговото преземање на раководењето со клубот стана актуелно, но ситуацијата е заглавена во лавиринтот на долговите на клубот што ги има од раководството во заминување, па во следните денови треба конечно да се разреши сè за иднината на новиот македонски првак.

Бугарската ѕвезда уште пред еден месец беше во Скопје на преговори тогаш со извршниот директор на клубот Самоил Симев, но работата сериозно се одолговлечи околу делот на преземањето на долгови и инфраструктура на клубот, а камен на сопнување е Академијата во градскиот парк, која не е на име на Вардар, туку приватна сопственост на Сергеј Самсоненко.

И сега до крајот на неделава треба работите да се испеглаат околу Вардар сите детали околу преземањето на клубот, висината на долговите, што сè ќе добијат новите сопственици, за потоа тие да тргнат прво во зачувување на играчкиот кадар од кој заминаа само трите големи надежи Марио Младеновски, Али Адем и Џемал Ибиши, а потоа да почнат да го дооформат тимот за следната сезона и тој експресно да почне со подготовки за новата сезона која треба да стартува на 9 август.

Вардаровата јавност и навивачите се надеваат на позитивна вест и конечно ставање на крај на „шпанската сапуница“ околу клубот, кој не доби лиценца за настап во Европа, втора година по ред.