Газдата на Шкендија се шири во соседството – ќе инвестира во клуб и на Косово

Газдата на македонскиот шампион Шкендија, Лазим Дестани со својата компанија Еколог е во завршни преговори за преземање на клуб од Косово, Велазними од Ѓаковица, објавија медиуми од северниот сосед.

Дестани влезе во Шкендија во 2014 година како одговор на преземањето на акциите од град Скопје на Вардар од страна на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а Шкендија во последните две години доминира во македонската Прва лига со две титули по ред, а во европските натпреварувања трипати стигнуваше до плејофот за пласман во Лига Европа.

Сега, Дестани планира да преземе уште еден клуб, кој моментно е член на втората косовска лига, но со сериозни амбиции брзо да се врати во елитата, а потоа и да се бори за највискоите позиции. Според најавите, Дестани ќе добие дел од акциите на клубот, но засега не се прецизира ништо додека не се заврши целиот процес на приватизација.

Бесник Гојани, еден членовите на раководството на Велазними потврди дека во ек се преговорите и дека наскоро се очекува преземањето на клубот од страна на Еколог.

„Претседателот Цана е во завршни преговори за приватизација на клубот. Има потполна поддршка од градоначалникот Ардијан Гјини, а што се однесува до семејството Дестани, се очекува брзо во оваа недела да се заврши процедурата. Сите го поддржаа овој план, од локалната власт, навивачите...“, вели Гојани.