Гачевски: Судијата тврдеше дека е гол, а не ни гледаше каде што требаше!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар загуби денеска во бурното дерби со Шкендија, останувајќи сега лидер со четири бода пред тетовци, но мечот го одбележа фантомскиот гол пред крајот на првиот дел по што широко беа отворени вратите за триумф на актуелниот првак во Маџари.

Филип Гачевски денеска одбрани буквално сè, бранеше зицери, го одржуваше Вардар, го одбрани и ударот на Изаир Емини, но судиите видоа дека топката ја минала гол-линијата, иако топката не мина со целиот обем во голот. Гачевски нормално збесна по одлуката да се признае погодокот, а по мечот вели – сто отсто сум сигурен дека не е гол!

„Како прво како спортист сакам да ја честитам победата на Шкендија. Второ сакам да кажам дека првиот гол го реши натпреварот, а тој не беше регуларен. Трето сакам да порачам дека цела јавност и сите од ФФМ треба да превземат нешто. Ова што се случува во Македонија е жално. За голот можам да кажам дека сум сто отсто сигурен дека топката не ја мина гол линијата и можам за се заколнам во тоа. Мора да се реагира затоа што тој момент го одлучи победникот, а може да влијае и на целото првенство“, вели Гачевски.

Вардаровиот голман посебно посочи дека судијата тврдел дека е чист гол, иако како што вели голманот, тој воопшто не гледал таму каде што треба.

„И после натпреварот видов дека тој судија што ја донесе одлуката, не ни бил таму каде што треба за да види дали топката ја мина гол линијата. Беше сигурен - тврдеше дека е гол. Од каде таа сигурност кога го нема таму каде што треба да биде. Другиот судија, пак, гледа на друга страна. Навистина жално и срамно“, додава Гачевски.

Вардар уште за време на мечот објави слика од спорниот момент со реакција, кој одлучил да се признае голот, кога дополнителниот судија зад голот воопшто не гледа во топката и во спорниот момент, туку гледа на друга страна.