Гачевски: Само да не ни се падне Ференцварош!

Вардарци денеска ја почнаа новата авантура со нов лик, со воведниот тренинг на стартот на летните подготовки, за кои тренерот Бобан Бабунски ќе има подмладен тим со кој ќе треба една сезона по историскиот настап во Лига Европа повторно да донесе радост кај вардаровите навивачи, откако црвено-црните останаа без трофеи на домашната сцена.

Најискусен меѓу фудбалерите во актуелниот погон е голманот Филип Гачевски, кој е еден од малкумината фудбалери кои останаа во таборот на скопските црвено-црни од екипата која лани испиша историја со пласманот во големото друштво во второто по ранг натпреварување на Стариот континент. За Гачевски нема дилема дека Вардар има цел да стигне до третото коло, па што биде нека биде и пред ждрепката на 19 јуни во која црвено-црните се носители има само една желба – да не се падне унгарски Ференцварош.

„Јас искрено не сакам само да ни се падне Фенерцварош. Другите екипи, колку што знам се околу 40 на број не се на наше ниво и треба да го минеме првото коло без проблем. Наша цел е да дојдеме до третото коло, па што биде после тоа. Таму веќе е виша сила. Овој тим има нов лик, многу помлада екипа, затоа што многу играчи што ја напишаа таа историја во Лига Европа си заминаа, но јас мислам дека со овие засилувања досега, со овие играчи и со тоа што сигурно ќе дојде уште некој ќе направиме тим што ќе се бори во Европа, а дома ќе се бори за врвот и трофеите. Јас мислам дека наша цел е прво да ги минеме првите две кола, а потоа да се бориме за врвот во домашното првенство“, рече Гачевски.

Ерменскиот репрезентативец Тигран Барсегјан, како и Гачевски е еден од најискусните фудбалери кои останаа во тимот, а Ерменецот порача дека очекува Вардар повторно да биде силен без оглед што тимот е речиси комплетно сменет. За Барсегјан најважно е повторно сите да дадат максимум на мечевите.

„Како и секоја година, па и сега очекувам да дадеме сто осто и да победуваме. Нема врска што имаме нов лик, што ги нема играчите од лани, што имаме променет тим, што имаме играчи кои треба да се докажуваат. Јас верувам дека ќе биде добро, зошто имаме добар стручен штаб, добри играчи и најави дека уште ќе се засилиме. На крајот на краиштата ова е фудбал и ако веруваш може сè да добиеш. Ако имаме малку среќа зошто да не имаме долго лето. Очекувам да купиме уште некои играчи и ќе бидеме посилни, имаме млади фудбалери желни за докажување. Во нас никој не веруваше дека ќе го поминеме Фенербахче, но ова е фудбал и тоа се случи. За ждрепката јас немам желба, не читам кој може да ни се падне, туку само се концентрирам на мечевите и секогаш давам сто отсто од себе. И лани Господ ни даде сè, затоа што максимално добро работевме, игравме и трениравме“, вели Барсегјан.