Гачевски: ФФМ делегираше Албанец од Кичево кој навива за Шкендија! (ФОТО)

Вардаровиот голман Филип Гачевски не може никако да се помири дека прими фантомски и непостоечки гол на вчерашното големо дерби со Шкендија во Маџари, во вториот чин од трката за титулата на двата црвено-црни табори во оваа сезона.

Шкендија победи со 2-0, ама целиот меч го реши моментот во судиското надополнување од првиот дел, кога Изаир Емини биеше, топката не ја мина гол-линијата со цел обем, но судиите пресудија дека е регуларен погодокот. Гачевски по примениот гол беше највоинствен, трчаше по теренот и кај секој судија бараше објаснување зошто е признат голот. Снимките покажаа дека топката со цел обем не ја мина гол-линијата, а Гачевски по мечот се колнеше дека голот е нерегуларен.

Вардаровата „единица“ и покрај искажаните ставови, не запре со докажвањето на вистината и овојпат ја нападна ФФМ, поставувајќи прашање за куќата на фудбалот – како може да се делегира судија кој е Албанец од Кичево и кој навива за Шкендија. Судијата Марјан Маркоски од Охрид ја прифати сугестијата на Куштрим Лика, првиот помошник дека голот е регуларен, иако според зборовите на Гачевски, дополнителниот судија зад голот му рекол дека нема погодок.

„Денес (вчера – н.з.) се случи голема неправда. Не ми е јасно како ФФМ го поддржува ова, ама добро, знам и таму има тешки случки. Жално за Македонија. Ова да се случеше во друга држава, 'судијата' немаше да постои веќе! Сега искрено ќе кажам дека судијата позади голот ми рече дека нема гол, а помошникот кој што немаше никаков преглед тврди дека е чист гол!? Денес се случи огромна кражба, но Господ е голем! Прашање за ФФМ: Како делегирате судија од Кичево, кој е Албанец и навива за Шкендија? Не е важно изгубивме... ФФМ, ова е голем срам, не само за нас фудбалерите, туку за цела држава. Искрено се срамам, а ако имате и Вие барем малку срам, 'тој судија' повеќе нема да суди во Прва лига“, напиша Гачевски.

Вардар уште за време на мечот експресно реагираше на својата интернет-страница за да запраша, кој реши да го признае голот, посочувајќи слика како дополнителниот судија, кој е најблизу до спорниот момент не гледа во правец на случувањето. Уште помалку го нема помошникот во некоја добра позиција за да процени дали топката ја минала гол-линијата.