Фудбалот е бизнис, ама...: Македонските клубови од трансфери заработиле „трошки“! (ФОТО)

Откако Европската фудбалска унија (УЕФА) во својот извештај ги откри сите поразителни факти за македонскиот фудбал во т.н. „Бенчмарк репорт“, Светската фудбалска организација (ФИФА) сега во анализата на фудбалскиот пазар и трансферите објави дека сите македонски клубови во 2019 година заедно успеале од продажба на играчи да заработат само една третина (900.000 евра) од просечниот светски трансфер за тој период (2,7 милиони евра).

Фудбалот во „модерната ера“ во која на фудбалската берза се вртат милијарди евра стана голем бизнис, па огромен број на клубови, живеат буквално од происводство и продажба на фудбалери. Но, за жал, во Македонија овој фудбалски бизнис е далеку од вистински бизнис, зашто сумите што се вртат во земјава се повеќе од смешни или народски кажано – клубовите заработуваат само трошки.

Според извештајот на ФИФА за комплетната трансфер-берза во минатата 2019 година, реализирани биле 18.042 трансфери (зголемување за 9,1 отсто) и вкупната вредност на пазарот достигнала рекордни 7,35 милијарди долари (зголемување за 5,8 отсто). Нормално, најголемиот дел оди на трансферите во петте најсилни лиги кои ги направиле 85 отсто најголемите трансфери и потрошиле или заработиле најголем дел од колачот во минатата година.

Но, кога ќе се погледнат европските и светски трендови на трансфери, македонскиот пазар буквално е невидлив, неспоредливо за врвните лиги, туку само ако се спореди со Балканот и земјите од поранешна СФРЈ. Бројките што ФИФА ги објави како официјални податоци јасно го отсликуваат домашниот фудбал, во кој слабите финансии и едвај одржливоста на функционирањето на клубот носат трансфери кои се бесплатни, па во Македонија во 2019 година се потрошиле на засилувања помалку од 100.000 евра, што е намалување на финансиската моќ за купување на фудбалери за огромни 84,8 отсто споредбено со 2018 година. Или како за споредба, двата најголеми трансфери во земјава, тој на Дарко Велковски од Работнички во Вардар (100.000 евра) и на Марјан Радески од Металург во Шкендија (150.000 евра) остануваат рекордни од пред пет години, а сега клубовите заедно не може да си дозволат еден таков трансфер.

Од друга страна, Македонија од продажба на фудбалери не успеала да стигне ни до еден милион евра приходи во 2019 година. Севкупно, клубовите заработиле 900.000 евра од продажба на играчи, што е точно една третина од просечен трансфер во светскиот фудбал (2,7 милиони евра) во минатата година. Овие 900.000 евра приход се зголемување за 32,6 отсто во однос на 2018 година, но најмногу се должат на продажбата на Влатко Стојановски од Ренова во француски Ним и на Висар Муслиу од Шкендија во унгарски МОЛ Фехевар.

Но, кога ќе се погледне трендот во регионот, а неспоредливо со Европа, во Македонија барем засега не се живее многу од фудбалот и од трансферите. За малите заработки има безброј фактори, ама еден од главните е што земјава не е премногу во фокусот на европските клубови, па ангажманите најчесто се случуваат за фудбалери кои се репрезентативци и нивните настапи се шанса да бидат забележани. Втор фактор е слабите финансии и лошиот квалитет на лигата, во која клубовите немаат преголем маневар за да се ценкаат со заинтересираните странски екипи во ситуација, кога не може да изрегулираат ситни плати на таленти, како што е последен случајот со вардаровото дете Никола Серафимов, кој бесплатно си замина од црвено-црните.

Во 2019 година во Македонија биле направени 70 трансфери (пад за 12,5 отсто), а биле продадени 77 фудбалери (пад за 1,3 отсто) и вкупно 14 клуба тргувале на пазарот (зголемување за 27 отсто). Само Албанија со 400.000 евра приходи и Црна Гора со 700.000 приходи лани послабо работеле на фудбалската берза во однос на нас, но затоа сите останати од опкружувањето се далеку пред нас. Во БиХ направиле 3,5 милиони евра, Бугарија има 10,5 милиони евра, Словенија цели 17,8 милиони, а убедливо напред се Грција со 30,2 милиони, Србија со 30,9 милиони и Хрватска како број еден од регионов со 48,8 милиони евра.

Ако се погледне комплетната светска берза, очекувано најмногу пари и тоа бизу една милијарда евра заработиле Англија, Франција и Шпанија, кои се над 900 милиони за 12 месеци лани. Најмногу се пазареле Бразилци (1.988 фудбалери), а следат Аргентинци, Британци, Французи. Во топ десет на најпосакувани играчи се и Србите. Од друга страна според вредноста, најмногу со вкупна вредност се Бразилците 925 милиони, пред Французите и Португалците, а висока цена во топ десет имаат Хрватите со 230 милиони евра на трансфер-пазарот во 2019 година.