Финалето на Купот пак во Струмица во вечерен термин

Финалето во Купот на Македонија ќе се одигра на 23 мај во 20 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. Овој стадион втора година по ред ќе биде домаќин на Куп-завршницата во која ќе играат Шкендија и Пелистер, втора сезона по ред.

Лани на истиот овој стадион во големото финале славеа битолчани откако беа подобри по изведувањето на пенали, а сега тетовци ќе имаат шанса за реванш и да дојдат до двојната круна, откако ја обезбедија титулата во домашното првенство. 

Од Фудбалската федерација на Македонија соопштуваат дека одреден е и терминот за одигрување на натпреварот помеѓу Шкупи и Пелистер од 26.коло, кој беше одложен откако битолчани добија труење од храна пред натпреварот. Овој дуел ќе се одигра на девети мај на стадионот „Чаир“ во Скопје.