Финале на Купот: Академија Пандев по пехар за историја, Македонија ЃП за виза во Европа!

Дали Македонија ЃП во своето трето финале ќе го освои вториот куп-пехар или најмладиот прволигаш Академија Пандев ќе стигне до историскиот прв трофеј и ќе биде 14-от клуб кој победил во домашното најмасовно натпреварување, денеска ќе биде познато во 27-то финале на Купот на Македонија (18.30 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

„Лавовите“ од Ѓорче после цела една деценија повторно играат финале, а по 13 години имаат шанса за втор трофеј и место во Европа, за разлика од Академија Пандев, која првпат добива шанса за пехар, но веќе има изборено место во европските квалификации летово. Денешната пресметка ќе биде дуел на искуството против младоста. Македонија ЃП предводена од Боби Божиновски, Остоја Стјепановиќ, Христијан Кировски како фудбалери кои играле финални мечеви наспроти Миловановиќ, Дориев, Илиев и со само еден фудбалер кој играл вакви пресметки Сашко Пандев.

„Работата во првенството ја завршивме, Академија Пандев избори Европа, ние опстанок, а предност е што двата тима играат отворен фудбал, па за двете екипи ќе биде добра шанса да се освои пехарот. Ние во првенството веќе покажавме дека можеме да се носиме со притисокот, ги добивме сите важни мечеви, искуството е на наша страна зашто имаме играчи со четири-пет финалиња“, вели Александар Таневски, тренерот на ѓорчепетровци.

Академија Пандев две години е дел од македонската елита, едвај изброја пет години како клуб и има шанса својата политика да создава млади фудбалери и да ги промовира во професионалци сега да биде наградена со пехар. Сезонава пандевци имаа импресивни резултати, се промовираа како трет најдобар тим во Македонија во домашното првенство и затоа и аспирациите сезоната да се заврши на најдобар начин станаа многу големи.

„Ова финале е некој поинаков предизвик за нас, немаме искуство, но имаме квалитет и потенцијал. Македонија ЃП заслужува почит, екипа е која игра отворено, допадливо. Ние сме задоволни со третото место, ама уште поголем успех ќе биде ако го освоиме пехарот во Купот. Се надевам дека ќе победи фудбалот. Ова е прво финале за Струмица, овој град роди многу фудбалери и сакаме да се радуваме“, вели Југослав Тренчовски, кормиларот на младиот струмички тим.

Сезонава во Првата лига, Академија Пандев двапати ги победи „лавовите“ на домашен терен со 2-1 (12 август 2018) и 3-0 (17 февруари 201), еднаш загубија во Ѓорче Петров со 0-1 (21 октомври 2018), а ремизираа на последниот од четирите меча 1-1 (14 април 2019).Сооглед дека на сите четири меча паднале голови, ова е најава дека ова 27. финале на Купот ќе донесе возбуда и голови и на најубав начин ќе ја заокружи сезоната.

Во досегашната историја на финалните пресметки, најтрофејниот македонски клуб Вардар има најмногу пехари – пет. Зад црвено-црните е Работнички со четири триумфи, а трета е Слога Југомагнат (сегашен Шкупи) со три. Чаирчани имаат најмногу финалиња – дури осум. Меѓу освојувачите на куп-пехарот по двапати се радувале Пелистер, Шкендија, Силекс и Тетекс, а по еднаш пехарот го освоиле Башкими, Цементарница, Македонија ЃП, Металург, Победа и Ренова.

ПОСЛЕДНИ ДЕСЕТ ФИНАЛИЊА

2009 (Скопје) Работнички – Македонија ЃП 6-5 на пенали, 1-1

2010 (Скопје) Тетекс – Работнички 3-2

2011 (Прилеп) Металург – Тетекс 2-0

2012 (Штип) Ренова – Работнички 3-1

2013 (Скопје) Тетекс – Шкендија 6-5 на пенали, 1-1

2014 (Скопје) Работнички – Металург 2-0

2015 (Скопје) Работнички – Тетекс 2-1

2016 (Скопје) Шкендија – Работнички 2-0

2017 (Струмица) Пелистер – Шкендија 4-3 на пенали, 0-0

2018 (Струмица) Шкендија – Пелистер 3-0