ФИФА воодушевена како ФФМ добро ги трошела парите!?

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ѝ дала највисока оценка на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за тоа како ги потрошила парите од програмата на светската централа, т.н. „ФИФА форварт програма“ за минатата 2020 година, се пофали нашата куќа на фудбалот.

ФФМ како што објави денеска сама побарала ревизија од европската централа УЕФА, како и ос светската централа ФИФА околу проектите и активностите на нашата фудбалска организација со искористувањето на парите од проектите „ФИФА Форвард“ за 2020 година, како и од Хет-трик 3 и Хет-трик 4, инвестициските програми на УЕФА.

„ФИФА Форвард“ програмата е програма на светската организација според која секоја федерација добива шест милиони долари за четири години, а половина од парите на годишно ниво, од околу 800.000 долари се пари за „оперативни трошоци на федерацијата“, во најголем дел пари со кои се плаќа фудбалската администрација.

За разлика од програмата на ФИФА, инвестициските проекти на УЕФА се поврзани со изградба на терени, па федерацијата во изминатиов период реновираше неколку терени, а изгради две трибини во Чаир и Охрид, додека во ек на градежна офанзива има во Штип и Кавадарци.

„На барање на Фудбалската федерација на Македонија изминатиот период претставници на ФИФА и УЕФА вршеа ревизија на финансиското работење на Фудбалската федерација на Македонија, поврзано со проектите и активностите на ФФМ од користењето на средства од програмите „FIFA Forward“ за 2020 на ФИФА и „HatTrick 3 и 4“- инвестициски програми на УЕФА.

Фудбалската федерација на Македонија доби највисока оценка од ФИФА во однос на користењето на средствата од програмата Forward за 2020 година на ФИФА.

Наведено е дека средствата од развојните фондови на ФИФА, Фудбалската федерација на Македонија ги користи исклучиво наменски, односно по пропишаната процедура која вклучува детален опис на проектите, документација, процес на одобрување, имплементација и известување за проектите.

Претставници на УЕФА, оваа седмица на барање на ФФМ, врши ревизија на трошоците и искористувањето на средствата од „HatTrick 3 и 4“- инвестициски програми на УЕФА. Преку оваа програма на УЕФА, ФФМ инвестира во подобрување на инфраструктурата на стадионите во државата, отворање на нови терени или реконструкција на постоечките со природна или вештачка трева, поставување рефлекторско осветлување итн.

Со оглед на тоа дека се работи за строго наменски средства, ФФМ има обврска, а токму тоа и го прави, да ги извести надлежните во УЕФА за вложувањето на средствата за проектите реализирани преку програмата на УЕФА.

ФФМ како и досега ќе продолжи да ја обезбедува комплетноста и веродостојноста на своето финансиско работење за своите надлежни институции и останува отворена за сите прашања во однос на својата усогласеност со УЕФА и ФИФА, вклучително за распределбата и текот на финансиските средства за проектите од програмите на УЕФА и ФИФА“, се пофали ФФМ денеска.

Пофалбите од двете главни фудбалски организации и не треба да чудат, ниту се ништо ново зашто ФФМ постојано на своја страна ги има овие две централи, а посебно сега во ек кога меѓу нив има силна нетрпеливост и се практично во „војна“ околу реформите што ФИФА ги предвидува со клучен дел Светското првенство на секои две години, па евентуалната взаемна поддршка е во „интерес на двете страни“ .

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино на актуелниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини уште пред да биде реизбран на функцијата во март годинава, со видео-порака му го честиташе реизборот, во (траги)комичната изборна година, во која најголем дел од општинските сојузи при изборот на делегати, му дадоа поддршка на претседателот, кој сѐ уште ја немаше објавено кандидатурата за нов четиригодишен мандат.