ФИФА го продолжува правилото: Македонската Прва лига во новата сезона со – пет замени?

Светската фудбалска федерација (ФИФА) преку својот Интернационален фудбалски Борд (ИФАБ) привремено го смени правилото за замени, па наместо досегашните три воведе пет замени, но како што стојат работите правилото ќе остане и во следната сезона, а би требало да го примени и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за стартот на новото првенство.

ФИФА го смени правилото за да се помогне во фудбалската игра пред сè на фудбалерите, па сите национални лиги кои го доигруваа првенството го користат правилото поради згуснатиот календар и напорот со кој се соочуваат фудбалерите, а истото ќе се користи и идниот месец во завршницата на Лигата на шампионите и Лига Европа.

Но, самиот факт дека одморот на фудбалерите ќе биде прекраток, а новата сезона уште повеќе ќе биде згусната зашто ќе стартува од средината на септември, ЛШ и Лига Европа од 20 октомври, а есенва и репрезентациите ќе се вратат во погон со седум до осум мечеви во три месеци, значи дека календарот останува пренабиен. Токму поради ова, според најавите од европските медиуми, Бордот на ФИФА во следните денови се очекува да донесе очекувана одлука, примената на правилото за пет замени да остане на сила и за следната сезона.

Веројатно препораката на ФИФА ќе биде да се користи правилото за да не се доведат фудбалерите во дополнителен ризик од пренатрупаниот календар, за почесто да се повредуваат. Но, како сето тоа ќе изгледа останува да се види. Сепак, ФФМ ќе треба својот правилник за натпреварување да го промени, ако се воведе ова и на клубовите да им овозможи еден поинаков тек на мечевите, за што тренерите би добиле дополнителна шанса во тек на мечот да „интервенираат“ со свеж фудбалер.