ФФМ тргна во акција: Ќе се испитува регуларноста на цело коло!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) после вчерашниот циркус во 30-то коло во Првата лига, реши да го чешла цело коло, па комесарот за натпреварување и комисијата го предаде целото коло на комисијата за интегритет при ФФМ, која допрва ќе треба да собере докази и да го пријави целиот случај во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Вчера претпоследната Беласица ја победи Шкендија со 2-1, меч кој посебно падна во очи поради вртоглавото паѓање на коефициентите во обложувачниците, но тој меч не беше само единственото „изненадување“. Прилепска Победа, која со една нога е второлигаш за 120 секунди успеа да направи пресврт и да го победи Работнички, Шкупи со циркус гол славеше над Академија Пандев...

Поради циркузијадата сега комисијата за натпреварување и комесарот Васко Дојчиновски го предадоа целото коло на комисијата за интегритет за ФФМ поради сомнежите за нарушен интегритет на фудбалот. Сега комисијата за интегритет ќе треба со сите прибрани докази и сомневаа, случајот да го предадат на МВР во секторот за организиран криминал, а понатаму да постапува Министерството за внатрешни работи.

„Комисијата за натпревари го пријави цело коло и го предаде на Комитетот за интегритет, кој ќе треба да прибере докази и понатаму да постапува со пријава до Министарството за внатрешни работи и секторот за организиран или финансиски криминал“, објави комесарот Васко Дојчиновски.

Се очекува после велигденските празници, комитетот за интегритет да ги прибере доказите и сомнежите и да ја продолжи процедурата кон МВР, која ќе мора да собере докази за да воопшто преземе соодветни активности во обид да се спречат нефудбалските појави.

ФФМ го предаде целото коло, зашто се сомнева во регуларност и на други мечеви, а не само на триумфот на Беласица со Шкендија. Вчерашните резултати сериозно го потресоа македонскиот фудбал, особено откако почнаа да се реализираат чаршиските муабети дека струмичката гордост мора да опстане.