Поразителни факти за Македонија во извештајот на УЕФА! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и нејзините „вечни“ властодршци веќе со години се обидуваat да ѝ ставaт „розови очила“ на јавноста дека фудбалот е на вистинскиот пат, дека има проекти, инвестиции, дека правилно се троши пребогатиот буџет... Но, на сето ова нивно „сеење на магла“, дојде шлаканица од Нион. УЕФА објави извештај во кој ги предочија сите – поразителни факти!

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Одамна фудбалот во Македонија назадува на секое поле, ама историската 2017 година, фотелјашите ја искористија за да се истакнат со нивната правилна работа (младите играа Евро 2017, Вардар беше во групи во Лига Европа). Но, сето тоа беше само шминка за податоците што УЕФА сега ги презентира за финансиите една година потоа, за фудбалска структурата сосе сезоната 2018/19.

Заклучок е дека македонскиот фудбал вртоглаво паѓа. А, и не треба да се биде многу умен за да се сфати тоа, ако се погледне суровата реалност. Ако не, еве го извештајот кој УЕФА јавно си го објави, па ако нешто не им е јасно на господата од ФФМ, нека земат и нека го прочитаат. За да им биде појасно дека далеку е македонскиот фудбал од европскиот просек.

ПОСЕТАТА ПАЃА ВРТОГЛАВО – МАКЕДОНИЈА Е ВО „ТОП ПЕТ“

Првиот загрижувачки податок кој УЕФА го објави во својот годинешен извештај т.н. „Бенчмарк репорт“ е податокот дека македонскиот фудбал бележи неверојатен пад на посетата на гледачите на стадионите, па заклучокот е дека за над 15 отсто е намален бројот на гледачи на стадионите од сезоната 2017/18 до сезоната 2018/19.

Македонскиот фудбал според намалувањето на бројот на гледачи од сезона во сезона, се најде во група со пет земји со сериозен аларм. Затоа што трендот ќе продолжи, особено што во актуелнава сезона бројките на посета беа уште помизерни. Покрај Македонија, ваков сериозен пад на посетеноста, која и онака е смешна бројка, се уште и Литванија, Грузија, Кипар и Азербејџан, а севкупно во групата на земји кои бележат пад на гледаноста, но со помал процент (од 5 до 15 отсто) се Казахстан, Ерменија, скандинавските Шведска и Норвешка, Полска, Белгија, Холандија и бившите ју-републики Хрватска и Црна Гора.

Во најголем дел од Европа посетеноста во овој период е најмалку иста како претходно, но има и земји кои бележат раст во кои најголем напредок од над 15 отсто е забележан во Русија, Молдавија, Унгарија, Словенија, Грција, а благ пораст од 5 до 15 отсто има во Турција, Албанија, Бугарија, Летонија, Украина, Р. Ирска, Велс.

ФФМ СЕ ФАЛИ СО ИНФРАСТРУКТУРА, А УЕФА – ГИ ДЕМАНТИРА

Неполна една деценија актуелните фотељаши во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не престануваа да се фалат дека инфраструктурно го подобрувале фудбалот во Македонија, па дури и претставници на УЕФА на годишните Собранија „сееја магла“ дека сме на вистинскиот пат, иако реалноста во нашиот фудбал покажуваше поинаков лик.

И УЕФА сега објави во делот за инфраструктура, колку земјите напредувале, па Македонија е обележана во делот дека изминатава деценија има направено помеѓу еден и четири стадиони. Со оглед дека комплетно нова е само скопската Арена, а само се шминкаше струмичкиот стадион, јасно е колкаво е инфраструктурното подобрување на земјава. Колку само за потсетување, ФФМ најавуваше проекти со нови стадиони во соработка со општините во Тетово, Штип, Битола, Прилеп..., сега има нови за Чаир (каде почнаа некои градежни работи за една трибина), Охрид...

Додека дочекаме барем пет добри стадиони, веројатно ќе помине една деценија. Нормално, за разлика од модерниот свет, во земјава и понатаму стадионите се сопственост на државата и општините, а ниту еден наш стадион не заработува од стадионот со продажба на името, што е загрижувачки и за УЕФА, зашто само 15 отсто од професионалните клубови имаат стадиони, од кои ги продале правата за името на стадионот за финансиска надокнада.

Најмногу инфраструктурно напредуваат Турција и Полска, со преку 20 изградени стадиони деценијава, меѓу 10 и 19 стадиони изградени се во Шпанија, Англија, Франција, Германија, Словачка, Русија. Напредок кој не е голем, ама има тенденција да биде подобар, има уште во Албанија, Србија, Унгарија, Норвешка, Италија, Азербеџан...Остатокот од Европа е на рамниште во инфраструктурни инвестиции како Македонија, ама половина од тие земји имаат барем солидни стадиони, а не како македонските „фудбалски храмови“ кои се во распаѓање.

Три земји немаат никаква инфраструктура за овие десет години, Р. Ирска, Летонија и Казахстан.

ВО ПОВЕЌЕ ОД ПОЛА ЕВРОПА ПРИХОДИТЕ РАСТАТ, А ВО МАКЕДОНИЈА – ТЕШКА РЕЦЕСИЈА

Во повеќе од половина Европа, вкупно 29 земји (55 членки има УЕФА) приходите поранале за најмалку пет отсто во 2018 година, но во Македонија се бележи тешка рецесија во фудбалот, зашто приходите опаднале до 15 отсто и како и во случајот со намалувањето на гледаноста, пропорционално во минус одат и финансиите.

И повторно истата слика, Македонија бележи сериозен пад во приходите со мал број на земји (тие што имаат над 15 отсто пад), па во група сме со Азербејџан, Албанија, Молдавија, Романија и Полска. Но, бидејќи станува збор за 2018 година, а инвестиции и пари лани имаше уште помалку во македонскиот фудбал, трендот на сериозната рецесија во фудбалот е вртоглав, па клубовите наместо напредок, се борат буквално да преживеат и да го одржат барем минималното функционирање.

Колкав е финансискиот ужас, најдобро отсликува фактот дека во Македонија во 2018 година имала вкупни приходи од осум милиони евра, од кои скоро половина од парите за приходи (44 отсто) биле од наградите на УЕФА и солидарниот фонд, само два отсто од влезници, а 29 отсто од парите се спонзори. Остатокот од 26 отсто се други извори на приходи. Гибралтар и Естонија во 2018 година имале ист приход од осум милиони евра.

НЕМА КЛИМА ЗА БИЗНИС, ЗАРАБОТКАТА САМО ЗА ПЛАТИ НА ФУДБАЛЕРИТЕ

УЕФА во актуелниот извештај за комплетната структура на европскиот фудбал посочува дека енормно е згоелемен трошокот на клубовите за плати на фудбалерите, па трендот не е ништо подобар и во Македонија, само со една разлика, како растат приходите на клубовите, така растат и платите на играчите, а во земјава – намалувањето е очигледно.

Така, во Македонија во 2018 година биле потрошени седум милиони евра (за 4 отсто е паднат вкупниот буџет на македонските клубови), просечно по клуб биле издвоени 700.000 евра за плати, а оптоварувањето на буџетот достигнало до 89 отсто од севкупните приходи само за исплата на фудбалерите. Но, ако ни е за утеха, клубовите барем според извештаите на УЕФА не се задолжуваат и не бараат алтернативни решенија за буџетот, зашто во Хрватска, Словенија, Србија, Косово надминуваат над 100 отсто од вкупните приходи.

Само за разлика од Македонија, каде што дупките во буџетот се поради поголемиот расход за плати во однос на приходите, дел од земјите од бивша СФРЈ го пополнуваат со сериозни трансфери, кои според УЕФА достигнуваат и до над 20 отсто од приходите, додека кај нас ниту има сериозен трошок за засилувања, ниту сериозен ќар од продажби.

Ова покажува дека практично во Македонија нема „клима за фудбалски бизнис“, зашто раководствата за клубовите едноставно работат само за да обезбедат пари за играчите, настрана што има доцни исплати на пари. Но, за разлика од други земји, очигледно е дека Балканот останува проблематичен, федерациите се тие што создаваат клима и поставуваат „правила на игра“ во фудбалот.

За жал, во ФФМ, долгогодишните фотељаши си свиркаат и работат исклучиво за својот џеб, па си зголемуваат привилегии од година во година (поголеми паушали, патни трошоци, меани...)