ФФМ одби три од четирите кандидатури за претседател, во игра остана само човекот на Илчо?

Иако пред неполн месец Илчо Ѓорѓиоски си замина од претседателската функција во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), доскорешниот прв човек на македонскиот фудбал сè уште има огромно влијание врз структурите во федерацијата, зашто ФФМ денеска одби три од четирите кандидатури за негов наследник, а единствена пројде таа што е поднесена од негов цврст досегашен поддржувач... 

Комисијата за избори и верификација при ФФМ два дена заседаваше околу четирите кандидатури кои беа доставени од општинските фудбалски сојузи (ОФС) за претстојното закажано Собрание на ФФМ на 1 септември, на кое треба да се избере новиот претседател. Кандидатури поднесоа Влатко Костов (ОФС Тетово), Вујадин Станојковиќ (ОФС Куманово), Харалампие Хаџиристески (ОФС Неготино) и Сашко Тасев (ОФС Кавадарци). Токму за последниот до доцна вечерва не знаевме каква судбина доживеала неговата кандидатура, зашто ФФМ по специјални курири во најголема тајност ги „превезуваше“ одлуките со одговор до матичните Сојузи на кандидатите. На еден час пред полноќ со соопштение се јави и ФФМ.

Костов, Станојковиќ и Хаџиристески добиле негативен одговор, што не е случај и за Тасев. Цел ден членовите на Комисијата не се јавуваа на телефонските повици, портпаролот на Федерацијата беше во зимски сон среде август и не знаеше ништо, па информациите ги добивавме директно од засегнатите ОФС. И сите излегоа со информација, освен ОФС Кавадарци, чиј делегат и кандидат Сашко Тасев во изминатите шест години беше еден од најгласните поддржувачи на Илчо Ѓорѓиоски. Оттаму и шпекулациите дека веројатно тој е единствениот што добил дозвола да се кандидира, но одлуката се криеше и се објави во глуво дома, за да не се предизвика гнев во јавноста. Зашто со изборот на Тасев само би продолжило владеењето на претходната гарнитура, но со друго име на чело...

Шпекулациите говорат и дека сето ова е пеколен план на Ѓорѓиоски да се врати во владение и тоа да се претстави како единствена легална опција пред ФИФА и УЕФА. Тасев и да биде избран, нема да може да ја врши улогата на претседател поради тоа што наводно, имал забрана да биде управител и потписник до 2019 година. Токму тоа е и намерата на „неговите“ - Ѓорѓиоски кој досега беше претседател, а во ФФМ според систематизацијата и директор на Федерацијата (!?), со указ од Тасев, да продолжи да ја води и да потпишува во име на ФФМ. Звучи налудничаво, но е правно можно.   

Рокот за жалба на одбиените кандидатури е три дена, а за евентуалните нивни поплаки ќе заседава Комисија за молби и жалби на ФФМ. Ако и таа ја потврди денешната одлука, решава Управниот суд на Македонија.

Ѓорѓиоски официјално со писмо се збогува од претседателската функција во ФФМ на 19 јули годинава, по што Управниот одбор (УО) го одреди датумот за новото Собрание за 1 септември. Тогаш на сајтот на ФФМ беше објавено дека Ѓорѓиоски заминува да работи во УЕФА.