ФФМ не му даде лиценца на Вардар за настап во Европа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар нема да игра во Европа летово откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја одби жалбата на црвено-црните за лиценцата и не му даде виза за настап во летните квалификации во Лига Европа.

ФФМ денеска објави дека комисијата за жалби при лиценцната комисија ја одбила како неоснована жалбата на Вардар за недоделување на лиценца и како конечна одлука им забранува настап во Европа.

Вардар не доби лиценца поради долговите кои црвено-црните не ги исплатија кон фудбалерите. Вардар не доби лиценца на првостепена комисија, а потоа имаше право на жалба која сега е одбиена, сооглед дека пред една недела управата на клубот им кажа на фудбалерите дека ќе нема пари до крајот на месецов и со тоа го пропушти возот за да добие право за настап во Европа.

Вардар првпат по 2014 година нема да излезе во Европа, што е голем срам за црвено-црните и силните амбиции на клубот, кој пред две години играше групна фаза во Лига Европа и заработи преку пет милиони евра, но преку ноќ клубот заглави во големи финансиски проблеми.

ФФМ освен на Вардар нѐ и даде лиценца и на испадната Победа, а останатите осум прволигаши добија лиценци – Академија Пандев, Беласица, Македонија ЃП, Работнички, Ренова, Силекс Шкендија и Шкупи.