ФФМ не искористила 1,1 милион долари што ФИФА ги предвидела за Македонија?! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не искористила 1,1 милион долари, пари што Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги предвидела за нашата земја од новата „ФИФА Форвард“ програма, која беше воведена по доѓањето на Џани Инфантино за прв човек на светската организација.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Финансискиот извештај на ФИФА, кој вчера беше усвоен на Советот на ФИФА во Богота (Колумбија), покажува дека Македонија од „ФИФА Форвард“ искористила само 59 отсто од предвидениот буџет на светската организација за изминатите две години, 2016 и 2017.

ФИФА за секоја земја од Европа за 2016 и 2017 година имала одвоено по 2,5 милиони евра, а ФФМ во тој период според податоците искористила 475 илјади евра за трошоци за проекти и еден милион евра за „оперативни трошоци“, а не искористила ништо за трошоци за патувања. Сооглед дека „оперативните трошоци“ се максимум еден милион евра, оваа фактичка состојба покажува дека ФФМ за проекти не искористила барем уште две третини од предвидените пари.

Севкупно, ФФМ од 2,5 милиони евра достапни од фондот на ФИФА, потрошила 1,47 милиони. За разлика од нашата куќа на фудбалот Франција го надминала буџетот, па потрошила половина милион евра повеќе (само два милиони евра на проекти), а такво надминување на буџетот направила и Република Ирска.

Програмата „ФИФА Форвард“, инаку во најголем дел го пополнува буџетот на ФФМ оваа 2018 година, по најразлични основи, од приходи за администрација, до приходи за организација на домашни натпреварувања, младински селекции, инфраструктура... Проектот на ФИФА е наменет за дополнителен развој на фудбалот во секоја земја членка.

Инаку во овој финансиски извештај објавено е дека од идната година во циклусот 2019-2022, ФИФА на секоја национална федерација членка во овој четиригодишен период и става на располагање по 1,5 милиони евра по година или вкупно шест милиони „зелени банкноти“, а сето ова е направено со зголемување на фондот за развој на светската централа за 20 отсто, откако ФИФА пријавила профит од 100 милиони долари за минатата година.

Инаку овој финансиски извештај, кој е јавно и транспарентно достапен на интернет-страницата на светската организација треба да го усвои Конгресот на 13 јуни, кој ќе се одржи во Москва, два дена пред почетокот на СП во Русија