Каков срам: ФФМ ги моли телевизиите да го пренесуваат финалето на Купот!

Точно еден месец пред одигрувањето на финалето во Купот на Македонија, сѐ уште не се знае дали и каде ќе има ТВ пренос од овој меч, па затоа Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со циркуларно писмо моли по националните телевизии да се смилуваат и да ја пренесуваат пресметката помеѓу Академија Пандев и Македонија ЃП. Дуелот, според најавите треба да се игра на 22 мај во вечерен термин на Националната Арена „Тоше Проески“. 

Ако секаде низ светот, фудбалските мечеви, а особено кога станува збор и за финалиња од националниот Куп се бизнис за кој се плаќаат многу пари (во врвните лиги се мери со милионски суми за ТВ-права), во Македонија националната федерација ги моли националните телевизии и им нуди секакви услови, само за да не пукне срам и мечот да не оди во етер никаде.

ФФМ во понудата до национални телевизии за пренесување на финалето од Купот го нудат целиот пакет бесплатно, згора на тоа нудат покривање на сите трошоци околу техничката организација - ТВ сигнал, камери, монтажа, репортажни коли... За возврат, бараат да им се отстапи рекламен простор за претстојните настапи на Македонија против Полска и Австрија во евроквалификациите во јуни во Скопје.

Во понудата до телевизиите, замислете, ФФМ им дава на телевизиите слобода сами да го одберат датумот и терминот на мечот. Се „нудат“ 20ти, 21ви и 22ри мај како денови кога ќе треба да се игра финалето, како да станува збор за селски панаѓур, а не празник на фудбалот во Македонија, 

Со оглед на катастрофалниот интерес за домашен фудбал, телевизиите сега „испитуваат“ каков ефект и бенефит би имале од преносот на финалето во Купот, па постои реална опасност за првпат во историјата финалниот меч може да не оди на ниту една националните телевизии и да се прикажува само на интернет-страницата на ФФМ.

ФФМ сè уште нема објавено точен датум и термин на одигрувањето на Купот на Македонија, а таа одлука треба да ја донесе Управниот одбор или Комитетот за итност на ФФМ. Од поодамна се најавува дека финалето после две години играње во Струмица ќе се врати во Скопје и би требало да се игра в среда на 22 мај. Очигледно е дека од ФФМ сега ќе чекаат до последен момент за некоја од телевизиите да се нафати и да избере термин, за потоа фотелјашите во УО да го „аминуваат“ тоа како одлука.

Академија Пандев првпат во историјата ќе игра едно финале, додека Македонија ЃП ќе го игра третото свое куп-финале, прво по пауза од една деценија. Ѓорчепетровци еднаш и го имаат освоено пехарот, во 2006 година кога во финалето приредија огромна сензација и ја совладаа Шкендија со 3-2.