Фенербахче ќе пазари и во Шкендија – го купува скопјанецот што избега да игра за Албанија

Истанбулскиот гигант Фенербахче, чиј член е македонскиот бисер Елиф Елмас планира сериозен пазар во Македонија, зашто после Али Адем, кого пред една недела медиумите најавија дека за тренинг-компензација ќе замине од Вардар на Босфорот, сега на пик е и талентираниот Омар Имери од тетовска Шкендија.

Имери беше поранешен младински репрезентативец на Македонија, но лани заедно со неколкумина други таленти од земјава избега да игра за соседна Албанија, иако беше еден од фудбалерите што требаше да биде лидер на младинската селекција после генерацијата која играше на Евро 2017 во Полска.

Турскиот новинар Серкан Ајекун објави во емисија на турската национална телевизија, дека членови на раководството на Фенербахче во моментов преговараат со Имери. Засега нема најави дали е постигнат договор, но Шкендија ќе се обиде да заработи добро и да не остане само со ситна тренинг-компензација, сооглед дека Имери е бивш фудбалер на Шкупи и најголемиот дел од парите од таа тренинг-компензација би ги добил чаирскиот клуб.

Елмас е пред заминување од Истанбул, па Фенербахче веројатно се повеќе се врти кон македонскиот пазар и изнаоѓање на таленти кои потоа би ги развивал.