Фарсата на ФФМ: Првата лига се прошири на 12 екипи, ама ќе има баражи за пласман во Втора лига

Фудбалската федерација на Македонија денеска на својот состанок на Управниот одбор донесе одлука со која Првата лига ќе се доигра со најглупавото сценарио по скратен систем и без испаѓање, а за следната сезона 2020/21 е прифатено да се прошири елитното натпреварување на 12 екипи со тоа што првопласираните во двете втори лиги (Беласица и Пелистер) да добијат директен пласман.

ФФМ направи комплетна рашомонијада после прекинот на сезоната, па сега после само 16 одиграни кола во Вторите лиги, Беласица и Пелистер како првопласирани во моментов добија награда, но да е целиот циркуз поголем и водењето на фудбалот во земјава само една голема фарса е одлуката да се играле баражи за пополнување на Втората лига и тоа на првопласираните во сите трети лиги.

Оваа одлука е смешна од причина што ФФМ пресуди да се прекинат првенствата во Втора и трета лига, со тоа се укинува и баражот за пополнување на првата лига, ама ќе има баражи за пополнување на источната и западната група во второто по ранг натпреварување во земјава.

„Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија на ФФМ за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Втора МФЛ. Исто така, Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 се на првото место на табелата од Втора МФЛ - Исток и Втора МФЛ - Запад;

Местата во Втора МФЛ - Исток и Втора МФЛ - Запад ќе се пополнат со одигрување на бараж натпревар помеѓу екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Третите лиги се на првото место на табелата“, објави ФФМ во денешните одуки од УО.

ФФМ ги прекина сите други фудбалски активности, па сезоната во женски фудбал, во младински категории, футсал и базичен фудбал се прекинати поради епидемијата.

Патем УО на ФФМ ја образложи одлуката за продолжение на сезоната по најглупавото сценарио, вадејќи се дека за истото гласале мнозинство на клубови (повторно не е сооопштено кој гласал „за“), а за ваквата одлука на УО само еден член гласал против, а еден бил воздржан, а останатите 13 члена беа „за“.

„Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/2020 од Прва МФЛ која беше прекината во поради епидемијата COVID-19. Според предлог прифатлив за најголемиот број клубови од Прва МФЛ, Комисијата за натпреварување предложи, а Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот, натпреварувањето во Прва МФЛ да се продолжи во скратен систем на следниот начин:

Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-оф фазата се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) без испаѓање на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата.Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;

По ова прашање, Управниот одбор на ФФМ, дискутираше за наводите од дописот доставен до федерацијата од ФК Силекс во кој се наведува дека „единствениот орган кој може да го смени Правилникот за натпревари е Собранието на ФФМ“. Управниот одбор на ФФМ при донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување го имаше во предвид Член 176 од Статутот на ФФМ во кој стои: „Во случај на виша сила и прашања кој не се регулирани со Статутот на ФФМ, надлежност за одлучување има Управниот одбор на ФФМ, кој при одлучување ќе ги земе во предвид правилата на ФИФА и УЕФА, позитивните законски прописи и начелото на право и праведност“ и Член 16 од Правилникот за натпреварување во кој стои: „Во случај Собранието да не може да се состане поради вонредни или оправдани околности, а причината за промена на системот е неопходна, Управниот одбор на ФФМ со 2/3 мнозинство има овластување да постапи и одлучува за промена на системот“.

Управниот одбор на ФФМ со потребното 2/3 мнозинство ја донесе одлуката. За одлуката 13-ет членови од У.О. гласаа „за“, еден член на У.О. беше „против“ и еден „воздржан“.

При донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување во Прва МФЛ, Управниот одбор на ФФМ ги следеше и упатствата на УЕФА преку дописот од Европската фудбалска Асоцијација доставен до Националните асоцијации, членки на УЕФА.

Во дописот од УЕФА стои дека Националните асоцијации треба да се обидат да ја применат најдобрата опција за продолжување на клупските натпреварувања со цел да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на Европските и домашните натпреварувања.

УЕФА наведува дека идеално сценарио би било доколку националните шампионати би продолжиле и завршиле според првичниот / оригинален систем за натпреварување, но доколку тоа е невозможно заради ограничената временска рамка (недоволно време за одигрување на преостанатите натпревари од националните натпреварувања, т.е. лига и Национален куп) би било подобро суспендираните домашни натпреварувања да се продолжат во различен формат на начин што сепак би им помогнал на клубовите да се квалификуваат по спортски заслуги во Европските натпреварувања. Важна содржина од дописот на УЕФА е дека Европската куќа на фудбалот го задржува правото да го одбие или оцени приемот / пласманот на било кој клуб во Европските натпреварувања остварен преку предвремено прекинат домашен шампионат“, посочива УО на ФФМ.