Актуелниот лидер Вардар врза две победи на стартот на пролетната полусезона, па денеска ја прекина повее од две години серијата без пораз на Борец во Велес, со триумфот со 1-0, за црвено-црните повторно да направат приситок врз Шкендија пред утрешното дерби на тетовци во Кратово кај третиот Силекс.

Најдобриот стрелец и играч на Вардар, Даниел Аврамовски го реши мечот во 33-та минута, по одличната акција на Али Адем и прекраната топка за Матеј Цветановски, чиј удар беше изблокиран на два метри пред гол, линијата, па репрезентативецот Аврамовски од втора погоди за негов 11-ти гол сезонава. Со победата Вардар повторно на 24 часа избега на 11 бода во однос на Шкендија.

Црвено-црните сосема заслужено триумфираа денеска против Борец, беа подобар тим, искористија една можност, иако прашањето за победникот можеа да го решат и порано, а и мечот да излезе полесен од очекувањата, но на скопјани во десетината одлични можности им фалеше завршно додавање за да стигнат до повеќе голови. Аврамовски во завршницата имаше и зицер за втор гол, но ударот заврши сантиметри крај дирекот.

Борец првпат загуби во Велес по 18 октомври 2017 година, кога Пелистер во меч од Купот (3-1) славеше триумф и оттогаш, велешани не знаеа за пораз дома, прво во второлигашката конкуренција, а есенва и во прволигашкото друштво и сега Вардар ја освои неосвоивата тврдина во Велес.

Утре на програмата се играат останатите четири меча, а се среќаваат Македонија ЃП – Академија Пандев (13 часот), Силекс – Шкендија, Ренова – Струга Трим Лум и Работнички – Шкупи (сите од 14 часот).