Каевски: Во ФФМ има огромен криминал, нема да дозволиме изборно Собрание!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на 17 март во Охрид треба да го одржи своето изборно Собрание на кое единствен кандидат е актуелниот вршител на должноста, Мухамед Сејдини, но државата нема да дозволи да се одржи такво Собрание, најави директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски на вечерашната трибина во Штип.

Сејдини раководи со ФФМ како в.д. претседател од јули годинава кога Илчо Ѓорѓиоски си поднесе оставка, но и покрај обидите за да се има транспарентно Собрание за нов челник, правни и административни пречки спречија неколкумина фудбалски работници воопшто да се кандидираат за првично закажаното Собрание на ФФМ на 1 септември. Потоа почна сплетката со статутарните измени за кои АМС не присуствуваше во Охрид на 1 декември, па сега од државната агенција за спорт најавија дека и закажаното изборно Собрание нема да се одржи

„Нема да дозволиме одржување на Изборното собрание на ФФМ, закажано за 17 март. Ќе има брза институциална разврска. Инспекциите покажаа дека се работи за огромен криминал во ФФМ. Ги утврдуваме сите состојби во оваа Федерација од актите, па се до членките на Федерацијата. Оваа Федерација покажа како не треба да се работи. Круна беше и последното собрание на ОФС Штип кое се одржа во Скопје. Нема да дозволиме да се кршат законите . Ќе ги обелодениме сите криминални работи, докуменирани од надлежните инситуции кои вршеа контроли во ФФМ....“- рече мешудругото Каевски на на трибината во Штип, објави страницата „штипски асови“.

ФФМ летоска ги спречи Вујадин Станојковиќ, Влатко Костов и Харалампие Хаџиристески да се кандидираат за претседател, а ја прифати само кандидатурата на Сашо Тасе, но подоцна го натера и тој да се повлече. Потоа направи статутарни промени, но изборното Собрание треба да избере само претседател, кој би работел со истиот состав на фудбалската влада, што е нелогично, а според сите правила после оставка на претседател треба да се распишат избори на сите нивоа, да се изберат нови делегати, а потоа на Собрание да се избере прв човек и нов управен одбор кој ќе го раководи фудбалот.

Поради циркусите во последните месеци, Влатко Костов најави пред неколку дена дека нема да бара кандидатура преку општинските сојузи, кои одржуваа Собранија во изминатиов период како подготовка за охридското изборно Собрание.