Доскорешниот вардарец Демири е нов играч на Мариупол

Доскорешниот вардаров фудбалер Бесир Демири, кој спогодбено го раскина договорот со црвено-црните откако не се најде во плановите на тренерот Чедомир Јаневски кариерата дефинитивно ќе ја продолжи во Украина, па в понеделник треба да биде промовиран за нов фудбалер на Мариупол.

Како што објави порталот на албански јазик „инфоспорт“, Демири за три дена официјално ќе биде промовиран во украинскиот тим, кој во есенската полусезона беше седмопласиран на табелата. Украинските медиуми уште на почетокот на новата година најавија дека Демири би требало да дојде во Мариупол, затоа што овој тим во моментов кубури со леви бекови. Демири веќе го потпишал договорот и ги минал прегледите, па сега се приклучува на новиот тим на подготовките

Демири имаше уште две години договор со Вардар, но спогодбено ја прекина соработката и тој воопшто и не ги започна подготовките со црвено-црните. Тој во Вардар дојде од Шкендија во зимскиот преоден рок лани и беше дел од историската генерација која стигна до настап во групна фаза во Лига Европа лани. Одигра 35 меча за црвено-црните. Демири беше и незаменлив член на младата репрезентација на Македонија која играше на Евро 2017 во Полска.

Инаку Демири е еден од петмината фудбалери кои заминаа од Вардар зимава, по Јамбул Џигаури и Итало, како и Бобан Николов, кој вчера потпиша за унгарски Видеотон, како и Висар Муслиу кој едноставно исчезна од подготовките барајќи нов ангажман поради аматерскиот статус во клубот, иако имаше тригодишен договор.