Четири победи од воведните четири меча на денешното отворање на новата сезона во Првата лига запишаа домаќините, меѓу нив и Академија Пандев, која со 1-0 го урна шампионот Шкендија во „суперкупот“ во воведното коло од домашната елита, во кое на први три бода се радуваа и Ренова, Шкупи и новиот прволигаш Струга Трим Љум.

Сашко Пандев е херојот на куп-победникот Академија Пандев откако со мајсторски и брилјантен гол од слободен удар од 18 метри ја урна „моќната“ Шкендија и уште повеќе им ги продлабочи проблемите на тетовци, кои повторно играат ужасно лошо, без идеја и сами се гушат, што беше и клучен проблем за срамната елиминација за две недели од Европа.

Пандев во 55-та минута погоди од слободниот удар, а Душан Чубраковиќ беше играч на мечот откако одбрани сѐ што можеше, прво опасните удари на Фелипе и Ибраими, па зицерот на Марјан Радески во надополнувањето, а имаше и среќа кога еднаш му беше погодена пречката, за струмичани на крај да стигнат до воведна победа во новата сезона.

Струга Трим Љум дебитираше во елитното друштво на најубав начин со триумф со пресврт против Работнички, иако сѐ изгледаше на почетокот дека новиот реновиран дебармаалски клуб ќе стигне лесно до победата. Работнички по осум минути го отвори мечот преку Марковиќ, Ацковски имаше зицер, по што следуваше шок за „романтичарите“. Прво Бурхан Мустафов прекрасно израмни на половина од првиот дел, а потоа Нијаз Лена по еден час игра даде гол за комплетен пресврт и голема победа на стружани.

Шкупи, кој е еден од тимовите што ќе се бори за место во Европа во завршните 20 минути на својот Чаир успеа да стигне до триумф против велешки Борец со головите на Јурина во 70-та и Оудиаби на три минути пред крајот.

Ренова со голот на Башким Велија во 38-та минута го победи Силекс во последниот денешен меч, а првото коло утре го затвораат Вардар и Македонија ЃП на терените на ФФМ во малото скопско дерби во оваа рунда.

ПРВА ЛИГА, ПРВО КОЛО

Академија Пандев – Шкендија 1-0 (0-0)

Пандев 55

Ренова – Силекс 1-0 (1-0)

Велија 38

Струга Трим Љум – Работнички 2-1 (1-1)

Мустафов 22, 60 – Марковиќ 8

Шкупи – Борец 2-0 (0-0)

Јурина 70, Оудиаби 87

УТРЕ

Вардар – Македонија ЃП

ТАБЕЛА: Шкупи 3, А. Пандев 3, Ренова 3, Струга Трим Љум 3, Вардар 0 (-1), Македонија ЃП 0 (-1), Шкендија 0, Силекс 0, Работнички 0, Борец 0.