Дербито во Маџари само за вардарови навивачи, вратите се затвораат 15 минути порано

Откако Вардар „избега“ од својот дом Националната Арена „Филип Втори“, па есенскиот дел од сезоната се поизвесно е дека ќе ја играат како домаќини во Маџари, на стадионот „Борис Трајковски“, црвено-црните денеска објавија дека неделното дерби со Шкупи ќе се игра само со присуство на вардарови приврзаници.

Одлуката и ова дерби да мине без гостински навивачи е очекувања, затоа што во Маџари има само една трибина, па од безбедносен аспект, нема основа за две исклучително завојувани навивачки групи да се најдат на мечот. Покрај тоа, Вардар објави и дека вратите на стадионот ќе се затворат 15 минути пред стартот на мечот.

„Напоменуваме дека поради безбедност нема да биде дозволено присуство на гостински навивачи на натпреварот. Секое лице при влезот ќе биде евидентирано, согласно законот за спречување на насилство во спортот, а воедно на оние кои ќе се најдат на трибините на стадионот, апелираме за фер и коректно навивање. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 14.30 часот, а ќе бидат затворени 15 минути пред почетокот на натпреварот, односно во 15:15 часот“, се вели во соопштението на црвено-црните.

Дуелот од петтото коло во Првата лига помеѓу Вардар и Шкупи ќе се одигра со почеток во 15.30 часот, а судија е Марјан Гоцевски.