Дерби на водечките под Шара: „Лавовите“ ќе гризат за прво место - 14 години не победиле во Тетово!

Дербито на водечките две екипи во досегашната прволигашка сезона, Шкендија и Македонија ЃП ќе го одбележат вонредното 14-то коло, кое денеска од 13 часот се игра на македонските терени, а уште неколку други пресметки најавуваат неизвесност и жестока борба за бодовите во битките за врвот или во дното на табелата.

Цели 14 години, Македонија ЃП не се израдувала на победа против Шкендија на гостување во Тетово, па „лавовите“ осоколени и полни со самодоверба после одличните резултати со кои дотуркаа до второто место на само бод зад црвено-црните, доаѓаат под Шара да ја прекинат лошата традиција и да го преземат лидерското место. Од 22 април 2006 година, кога Македонија ЃП победи со 1-0 во Тетово, во следните 11 меча ниту еднаш не се израдувале, а во последните шест години, само еднаш успеале да извлечат реми и најчесто убедливо губеле.

Тетовци лесно поминувале со ѓорчепетровци досега, двапати победиле со 5-1, двапати со 3-0, еднаш со 4-1, 4-2, ама сезонава воопшто не брилјираат и од 13-те кола досега дури шестпати ремизираа, па оттаму и шансата со цврста и тврда игра, Македонија ЃП да се избори за добар резултат, па дури и да ги шокира лидерите, кои се единствени без пораз досега сезонава. Македонија ЃП доаѓа со серија од три победи и реми со Шкупи во Тетово, за разлика од Шкендија која трите ремија и една победа во последните четири меча покажуваат дека се далеку од моќта од изминатите години.

Третиот Шкупи од заднина ќе чека шанса да го освои врвот во тепачката на двата тима пред неа под Шара, а чаирчани денеска на хартија го имаат најлесниот противник во фенерџијата Беласица, иако струмичани во последниот период од четири меча освоија осум од вкупно деветте меча и сигурно ќе се обидат да им направат пекол на фаворизираните противници. Шкупи има три ремија по ред, па ако сака битка за титулата, сега е неопходно да се врати на победничкиот колосек.

Во Велес, Борец ја пречекува Струга Трим Лум во дуелот на петиот со четвртиот тим на табелата, додека Работнички на скопската Арена е домаќин на Пелистер во битка на двата тима кои од поодамна се во сериозна резултатска криза им многу близу до опасната зона. Скоро 80 дена Работнички не знае за победа, па сега за дебармаалци ова е шанса за триумф, додека битолчани исто така ќе бараат излез од проблемите во кои заглавија со три порази во низа и без триумф од 20 септември, кога славеа во Струмица кај Беласица.

Актуелниот шампион Вардар после две врзани победи, ама и со многу проблеми во играчкиот состав имаат исклучително тешко гостување во Кратово, кај Силекс, кој викендов после подолго време се врати на победничкиот колосек освојувајќи ја Битола. За Вардар и во најдобрите денови, Кратово се покажувал како тежок терен, па сега Силекс нема да пропушти шанса за нов триумф, а црвено-црните ќе бараат одмазда за поразот на стартот на сезоната, дома, кога загубија со 0-4. Вардарци ќе чекаат шанса за нов триумф, кој може да ги однесе и на четвртата позиција, ако во Велес пресметката на Борец и Струга заврши без победник.

Академија Пандев во дерби на дното ја дочекува Ренова во последниот меч од ова коло, а фактот дека само еднаш во шест меча нивна пресметка завршила без победник, е најава дека ќе има отворен фудбал на два тима желни за победа и три бода. Ренова во март годинава ја освои Струмица, а претходно пандевци двапати се радуваа во меѓусебните пресметки.

ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО (13 ЧАСОТ)

Тетово: Шкендија – Македонија ЃП

Маџари: Шкупи - Беласица

Арена: Работнички – Пелистер

Кратово: Силекс – Вардар

СЦ „Пандев“: Академија Пандев – Ренова

Велес: Борец – Струга Трим Лум

ТАБЕЛА: Шкендија 27, Македонија ЃП 26, Шкупи 25, Струга Трим Лум 20, Борец 19, Вардар 19, Силекс 17, Работнички 14, Пелистер 12, Ренова 11, А. Пандев 10, Беласица 9.