Дејан Тантуровски го засили Работнички

После Бојан Илиевски и Анес Османовски, поранешниот македонски првак Работнички го промовираше и третото засилување, а тоа е Дејан Тантуровски, кој доаѓа во Дебар Маало од кратовски Силекс.

Офанзивецот беше дел од кратовци и еден од најдобрите фудбалери на Силекс, но откако овој клуб испадна во Втората лига, за очекување беше дека ќе го раскине договорот и ќе потпише со некој друг македонски прволигаш, па „романтичарите“ беа најбрзи за да го донесат.

„Тантуровски е квалитетен прволигашки играч со драгоцено искуство и мислам дека сериозно ќе го подигне квалитетот на нашиот тим. Се обидуваме да го засилиме ростерот во сите линии на тимот и сигурно во Работнички ќе има уште неколку засилувања во овој летен преоден рок“, изјави спортскиот директор Горан Станковски.

Тантуровски е поранеше фудбалер и на Македонија ЃП и Металург, а играше и во босански Орашје.

Работнички утре од 18 часот ги стартува подготовките во новата сезона откако тренерот Александар Влахо ќе ја изврши прозивката.