Дејан Блажевски ја продолжува кариерата во Тирана

Доскорешната деветка на македонскиот вицешампион Вардар, Дејан Блажевски ќе ја продолжи кариерата во албанска Тирана, екипа која во новата сезона ќе биде дел од Суперлигата кај западниот сосед.

Како што објавија албански меидуми, Блажевски утре и официјално ќе биде промовиран за нов напаѓач на Тирана, а во Албанија заминува како слободен фудбалер, откако неговиот договор со Вардар заврши на крајот на сезоната, а црвено-црните не му го продолжија.

Блажевски беше еден од најстандардните вардарови фудбалери, дел од две шампионски генерации на црвено-црните, а ја испиша и најубавата европска приказна со најтрофејниот тим со настапот во групите во Лига Европа. Сега, Блажевски, кој е поранешен фудбалер на Турново, ќе има нова авантура во странство, откако претходно играше за три грчки клубови Агротикос, Верија и Пиерикос, а беше дел и од азербејџански Казар Ланкаран.

Во минатата сезона одигра 41 средба за Вардар, од кои 29 во првенството и даде осум гола, а постигна и еден преубав во Лига Европа во Санкт Петербург.