Четири години без Петар Милошевски

Четири години минуваат откако македонскиот фудбал загуби голема човек без дамка во кариерата. Голманската легенда Петар Милошевски на денешен ден во 2014 година во сообраќајна несреќа го загуби животот враќајќи се од ревијален фудбалски меч на македонските легенди и ветерани во Куманово.

Беше тоа утро на 13 март 2014 година шок кој предизвика преголема болка за секој љубител на фудбалот, откако и официјално беше потврдена веста дека Милошевски загинал во сообраќајка половина час пред полноќ на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, зашто македонскиот фудбал остана без човек, кого сите го сакаа и го почитуваа.

Трагедијата остави голема празнина во македонскиот фудбал, кој остана без човек што целиот живот го посвети на фудбалот. Остана без личност која пленеше со мудрост, смиреност, висок морал, доследност, принципиелност. Македонија пред четири години загуби професионалец, кој требаше како директор да даде голем придонес во развојот на фудбалот. Неговата богата интернационална кариера, 59-те репрезентативни мечеви требаше да донесат многу позитивни работи... Во солзи за загубата беа и турски Трабзон и кипарски Енозис, клубови каде што мина најголем дел од својата кариера, што беше уште еден доказ каков човек загуби македонскиот фудбал и колку почитуван бил Петар Милошевски.

Милошевски загина во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, кај клучката во населбата Карпош. Поранешниот чувар на мрежата на националниот тим настрада во судирот на автомобилот во кој бил како совозач на актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, а во пежото биле и тим-менаџерот на младата селекција, Зоран Зафиров и уште една вработена во секторот за маркетинг на ФФМ. Пежото кое го управувал Ѓорѓиоски се судрил со мини-комбе УАЗ, кое го управувал 62-годишен жител на кумановското село Малитино. Во трагичната несреќа Милошевски им подлегнал на повредите, а според тогашните информации со повреди минале останатите учесници во сообраќајката, но без опасност по нивниот живот.

Милошевски својата фудбалска кариера ја почна во родната Битола, во Пелистер, од каде што во 1997 година го облече дресот на најтрофејниот македонски клуб Вардар и по само една сезона, направи во тоа време најголем трансфер на македонски фудбалер од земјава во странство. Потпиша за турски Трабзонспор, еден од четирите великани во Турција, каде што мина две сезони од 1998 до 2000 година.

Во Турција играше и за Малатијаспор (2001-2004) и Акчабат Себатспор (2004-05), по што се пресели на Кипар - во Енозис Паралимни каде што мина седум години, од 2005 до 2012 година по што ја заврши и кариерата. Дресот на Македонија го носеше 59 пати од 1998 до 2011 година, а од 2012 година откако ја заврши кариерата стана директор на фудбалската репрезентација.

Требаше со неговото искуство да придонесе за развојот на македонската селекција, но и на другите наши селекции, но прераната смрт го спречи да даде уште повеќе за спортот и фудбалот во Македонија.

Петар Милошевски никогаш нема да биде заборавен, а во негова чест тренинг-центарот во комплексот куќа на фудбалот го носи неговото име, како спомен на човек кој живееше за фудбалот. Веќе четврта година, иницијативата и стадионот „Тумбе Кафе“ да го носи името на еден од најпознатите ботолски фудбалери засега останува само како предлог на тамошната јавност.