Брегалница извиси и брзо се помири со глупоста на ФФМ: Следната сезона е наша!

Иако извисија за место во елитата по фарсата што ја направи Фудбалската федерација на Македонија со доигрувањето и проширувањето на Првата лига, а прекинот на Втората лига, од штипска Брегалница која беше кандидат за место во елитата осве разочараност, брзо се помирија со рашомонијадата од куќата на фудбалот.

Брегалница извиси како второпласирана во однос на Беласица, која се враќа административно во Првата лига со одлуката за проширување за следната сезона на Првата лига по само 16 кола во второлигашкото друштво на Истокот. Да е болката за штипјани поголема, ФФМ ја прекина Втората лига, како и Третата, ама за пополнување на второлигашкото друштво нема да има административни одлуки, туку ќе се играле баражи.

Целото соопштение на газдата на Брегалница, Кирил Гогов ви го пренесуваме во целост.

„Почитувани љубители на фудбалот, искрени навивачи и поддржувачи, почитувани спонзори и помагатели на ФК Брегалница,

Како клуб сакаме да изразиме огромно жалење за скратената можност рамноправно да се бориме за влез во Првата македонска фудбалска лига, и со тоа да докажеме дека сме еден од најорганизираните клубови во државава а нашето место е во елитата.

Меѓутоа за ФК БРЕГАЛНИЦА од оваа сезона ќе остане да зборуваат сите нескриени успешни проекти и резултати кои ни го вратија епитетот - еден од најреспектабилните клубови во Македонија. Успеавме за краток период да ја консолидираме младинската школа предводена од кординаторот Борче Постолов, која до прекинот беше на првото место во лигата со убедливи 20 бода предност во однос на второпласираниот. Сето тоа ни дава надеж дека барем во младинските категории следната сезона ќе добиеме шанса да се натпреваруваме во Супер-лигата.

За жал, со појавувањето на пандемијата COVID-19 беше прекинато првенството во Втората лига - Исток и тоа во момент на само три дена пред големата дерби пресметка на Истокот, меѓу Брегалница и Беласица. Дерби кое ќе ја покажеше вистинската слика околу квалитативниот распоред на силите во првенството, и реалниот пласман на табелата.

Но, денес може само да жалиме за многу изгубени бодови во текот на, сега веќе, изминатата незавршена сезона. И покрај апсолутната доминација буквално на секој натпревар, за жал, на неколку натпревари останавме без заслужени бодови кои во моментот на прекин на шампионатот не оставија без првата позиција.

Како светла точка оваа сезона се уште ни останува КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА каде како полуфиналисти не очекува натпреварот со минатогодишниот освојувач, екипата на Академија Пандев. Тоа е за нас голем предизвик и нова можност да покажеме и докажеме дека нашето место е во Првата лига. Доколку успееме да се пласираме во толку посакуваното финале кое ќе значи и најголем успех на нашиот клуб во историјата, може само да ветиме дека ќе го дадеме максимумот и да стигнеме до трофејот во најмасовното домашно клупско натпреварување, што ќе ни овозможи и излез во Европа.

Не знам и не сум сигурен, но можеби ќе бидеме и првиот второлигашки клуб во историјата на фудбалот кој ќе игра во Европа!

Почитувани навивачи и симпатизери на клубот, сакам да истакнам дека и покрај нашето големо разочарување од една ваква непосакувана разврска не сезоната, нема да застанеме на патот до нашата силно зацртана цел. А тоа е изградба на клуб кој ќе се темели единствено на стратешки и долгорочни цели. Изградба на ФК БРЕГАЛНИЦА каква сите ја посакуваме.

Може само силно да ветам дека континуираното вложување во подобри услови за работа на фудбалерите и стручниот штаб како и континуираното вложување во инфраструктура на клубот ќе продолжат и понатаму со несмален интензитет. Следната сезона ФК БРЕГАЛНИЦА ќе биде уште подобра и поорганизирана!

Следната година нашиот клуб слави јубилеј „100 години постоење“. Заедно ќе го прославиме овој голем јубилеј со влез во Првата лига!“, вели во обраќањето Гогов.

Брегалница е полуфиналист во Купот на Македонија и ја очекува пресметка со Академија Пандев, додека Струга Трим Лум и Шкендија ќе играат во второто полуфинале (еден меч), а победниците потоа ќе се судрат во финалето.