Блажевски по стотиот меч за Вардар: Сакам да ја завршам кариерата во црвено- црниот дрес

Напаѓачот на Вардар, Дејан Блажевски влезе во „клубот 100“ на најторфејниот македонски клуб откако го одигра стотиот меч против Шкендија во куп-мечот во средата, па вардаровата деветка за клупскиот сајт изјави дека има желба да ја заври кариерата во црвено-црниот дрес.

Блажевски зимава го продолжи договорот со Вардар за уште шест месеци, па сега актуелниот договор му истекува на лето, но тој има желба да остане до крајот на кариерата во Вардар.

„Имам договор уште шест месеци, би сакал да останам во клубот, меѓутоа сето тоа ќе зависи од самиот клуб. Јас сум дете на Вардар и би сакал тука да ја завршам кариерата. Покрај мене, од овој клуб потекнуваат и Грнчаров и Глигоров кон кои треба да се има максимален респект за сето тоа што придонесуваат Вардар да се развива. Убава чест е да бидеш дете на овој клуб, а потоа да бидеш дел и од најголемиот успех на клубот во историјата кој го направивме во оваа сезона. Посакувам еден ден со Вардар да бидеме дел и во групната фаза од Лигата на шампионите, а исто така посакувам да го кренеме и пехарот од Купот на Македонија кој го немаме освоено 10 години“, вели Блажевски.

Популарниот Шиле беше дел од историската генерација на Вардар, која успеа да обезбеди групна фаза во Лига Европа, а постигна и еден од трите гола во дебитантската сезона на црвено-црните на големата сцена. Му даде гол на Зенит во Санкт Петербург и тоа атрактивно – со волеј по корнер. Токму тој гол го истакнува како еден од најубавите во дресот на Вардар. Минатата година вели вечно ќе ја памети, затоа што беше историска, а во дресот на најтрофејниот макеоднски клуб има три шампионски титули

„Среќен сум за тој гол, но жалам за испуштената шанса да освоиме барем бод од тоа гостување против силна екипа каква што е Зенит . Во секој случај тој ми е еден од подрагите голови во дресот на Вардар во изминатите 100 натпревари. Беше убав, со волеј удар од дваесетина метри и постигнат против екипа која е еден од фаворитите за освојување на Лигата на Европа. Натпреварот се одигра и на прекрасен стадион во прекрасна атмосфера која ја имаше на гостувањето во Санкт Петербург. Во овие 100 натпревари имало многу добри моменти во дресот на Вардар. Три освоени шампионски титули кои што ќе ми останат во вечно сеќавање, но дефинитивно за мене најдобриот момент е пласманот на клубот во групната фаза од Лигата на Европа. Натпреварот со Фенербахче ќе го паметам вечно. Бев капитен на тој натпревар кој што беше најважниот во историјата на клубот. Победивме и поминавме понатаму, се пласиравме во Лигата на Европа, ја имав таа чест да се запишам во историјата на Вардар.“, додава Блажевски за клупската интернет-страница.