Бивш селектор на младинците на Србија е нов тренер на Победа

Поранешниот селектор на младинските селекции на Србија, до 19 и до 21 година, Слободан Крчмаревиќ ќе биде новиот кормилар на прилепска Победа, откако поранешниот македонски шампион денеска го раскина договорот со досегашниот тренер Славољуб Бубања, кој го напушти најфудбалскиот град поради здравствени причини.

Бубања заминува од Прилеп од здравствни причини затоа што не можел комплетно да му се посвети на тимот и тоа по само пет кола во пролетниот дел од сезоната, па раководството на Победа експресно најде замена во Србинот Крчмаревиќ како негов наследник, под чија палка ќе треба Победа да го обезбеди опстанокот во Првата лига.

Крчмаревиќ е поранешен фудбалер на белградски Партизан, кој потоа играл на Кипар во екипите на Аполон, Енозис, Анортозис, бил дел и од грчки ПАОК, Паниониос, а потоа тренерската кариера ја почнал како селектор на селекцијата до 19 години на Србија и Црна Гора, трнер бил во младинскиот погон на Партизан, потоа го водел ОФК Београд, а од 2007 до 2009 година бил селектор и на селекцијата до 21 година на Србија, која ја предводел на младинското ЕП во 2009 година.

Од 2010 година работел на Кипар, во Аполон и Анортозис, па една година бил селектор на младата селекција на Казахстан, па на казахстански Жетису, по што се вратил на Кипар како тренер на Докса, а последен клуб кој го водел е Рудар Велење.

Победа пролетва сè уште нема триумф во досегашниот дел од сезоната, а прилепчани со 22 бода се во зоната за бараж и ги очекува сериозна битка за опстанокот, сооглед дека Пелистер е на бод заостаток, Скопје има пет бода заостаток, додека Ренова е три бода пред прилепчани.